0 коментари 6 мин. читање 2 февруари, 2025

Coridden: трансформација во бројни животни и солидна ко-оп забава

Зошто да ја играте?

  •  Фанови сте на акциони игри како и можноста да се трансформирате во различни суштества
  •  Одлична ко-оп забава каде еден играч може да се трансформира во суштество, а друг да го јава
  •  Брзи и динамични битки во преубаво осмислен свет

Coridden e акциона RPG игра во која ја имате уникатната способност да се трансформирате во ѕверовите што ги победувате. Сами или во кооперативна игра со најмногу 3 пријатели, се втурнувате на авантура за да ги откриете темните тајни кои демнеат од легендарниот град Ааша.

Покемон на поразличен начин

Coridden е релативно долга игра, полна со интересни работи за правење, нешто што е двојно импресивно кога ќе земете во предвид дека само двајца девелопери работат на неа. Нарин и Валдемар се имаат потрудено да понудат брзо темпо и динамична борба. Ова е дополнително зајакнато од можноста да се трансформиратe во суштествата кои ги победувате. Се работи за интересна механика каде ги користите способностите на различните суштества за да надминете различните препреки и предизвици во светот на играта.

Најмногу 4 играчи можат да играат заедно во кооперативна игра која може да е офлајн/локално и онлајн.

Единствена механика која влијае на брзината на битките е интегрираното ниво на кондиција. Секојпат кога ќе ја потрошите кондицијата, потребно е да тркате лево-десно и да почекате кондицијата да се обнови како би можеле одново да започнете со динамичните напади. Интересна механика за кога играте во група, бидејќи ви дозволува во тие неколку секунди на „полнење“ да гледате што прават вашите пријатели, но не толку за кога сте сами.

Работите стануваат значително позабавни кога ќе започнете кооперативна игра до 4 играчи, при што соработувате заедно и комбинирате способности за издвојување победа. Во кооперативна игра, отклучувате посебна тимска механика каде јавате трансформиран играч. Во таа ситуација, едниот управува и напаѓа додека е во животинската форма, а другиот користи оружја и магии за напаѓање од грбот на животното.

Покрај тоа што се побрзи и посилни, ѕверовите имаат арсенал од посебни магиски напади поврзани со четирите елементи

Уште на самиот почеток на кампањата, се здобивме со впечаток дека примарниот фокус е на гејмплејот, а не на приказната. Иако често ќе се впуштате во одредени разговори, на кои им се позајмуваат гласови од актери, заплетот ни делуваше крајно едноставен и недоволно интересен за да не заинтересира да се грижиме за ликовите и за светот во кој се наоѓаме. Доколку не ви пречи ова и доколку имате пријатели за играње, Coridden се одликува со уникатни и импресивни гејмплеј механики каде трчате, скокате и се борите на најразлични ЗАЕДНИЧКИ начини.

Мапите не се премногу големи, но се доволно добро дизајнирани за да пружат впечатливо истражување и пресметки во стилот на Diablo. Како напредувате низ играта, така ќе работите на детални надградби на вашата човечка и ѕверска форма, користејќи нова опрема или отклучувајќи активни и пасивни вештини. За таа цел, имате две различни дрва на вештини – едно за човечката и едно за животинската форма.

Огромни детали се посветени за да се понуди уникатно и лесно-прилагодливо искуство за четирите класи

Графиката и анимациите не се лоши, но никако не ја оправдуваат проблематичната оптимизација. Иако имавме значително посилна конфигурација, се случуваше да наидуваме на одредени нелогични падови во FPS, нешто што претпоставуваме дека лесно би се средило преку идните закрпи. Музичката подлога, од друга страна, е безпрекорна, вешто потпомагајќи во адреналинско соочување со бројните противници.

Coridden е прекрасна ко-оп hack and slash игра која нуди флексибилни можности за осмислување на вашиот билд и играње онака како што сакате. Приказната дефинитивно нема да освои награди, но квалитетниот дизајн на мапите и длабоките гејмплеј механики ќе се погрижат да извлечете бројни часови квалитетна забава, особено со пријател-два, или три!


Кој стои зад Coridden?

Откако девелоперите Нарин и Валдемар се запознаваат на универзитет во Шведска, почнуваат да прават игри како хоби. По одредено време, сфаќаат дека Corriden делува како амбициозна идеја која вреди да се реализира и хобито зазема професионална форма. Нивното студио Aftnareld е основано во 2018-та година.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Aftnareld
  • Издава: Anshar Publishing
  • Жанр: акциона авантура
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 29 јануари 2025
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top