Ако користите Figma, и тоа алатките со вештачка интелигенција, можеби веќе забележавте дека алатката „Make Design“ не е достапна. Причината за ова е што дизајните кои ги генерира „Make Design“ во голема мерка се копија на постоечки дизајни на апликации.
Make Design е функционалност на Figma која со помош на вештачка интелигенција на корисниците им овозможува набрзина да креираат дизајн за сопствени апликации. Корисникот треба единствено да опише што му е потребно, а функционалноста генерира сѐ наместо него. Идејата е дизајнерите набрзина да креираат апликации од своите идеи и потоа да ги усовршуваат да бидат најсоодветни на потребите, но и на замислата.
Директорот на Not Boring Software, Енди Ален забележа дека предлозите на алатката се речиси идентични со постоечки апликации. За својата демонстрација ја искористи апликацијата за временски услови „Apple Weather“. Тој се обиде да генерира неколку дизајни, а алатката секојпат генерираше апликации кои беа речиси исти со „Apple Weather“.
Откако Ален го објави твитот, „Make Design“ e привремено недостапен. Тимот на Figma вели дека открил што е причина за проблемот и се обидуваат да ја подобрат и прилагодат функционалноста. Една од причините за грешката е недостатокот за време за тестирање и инсистирањето функционалноста да биде готова за годинешната конференција Config.
„Побарав од нашиот тим привремено да ја отстрани Make Design функционалноста додека не бидеме сигурни во генерираните резултати. Функционалноста ќе биде исклучена за неколку часа кога нашиот тим од САД ќе се разбуди, и ќе ја активираме штом направиме комплетна QA анализа на системот за дизајн.“, вели директорот на Figma Дилан Филд за 404media.
Проблемот не е во материјалите на кои е тренирана вештачката интелигенција (Figma додаде дека за тренинг никогаш не била користена работата на корисниците), туку во моделите развиени од трети страни кои ги користат. Дилан Филд додаде дека компанијата нема развиен сопствен модел за генерирање, туку користат веќе готови модели. Ова на крај резултира со недостаток на варијации во резултатите.
Figma за генерирање на резултати користи технологија од OpenAI и Amazon, a за отстранување на позадините Jasper.
Изгледа помалку неверојатно дека директорот на Not Borinг Software очекувал некакви спектакуларни варијации во резултатите. Промптот „not boring weather app“ нема никакви дополнителни податоци кои нешто би промениле, па и да го повтори 100 пати. Дури и без користење на вештачка интелигенција дизајнот на апликациите на AppStore и Google Play не е премногу различен. На крај, резултатите кои ги добиваме не се уникатни, тие се збир на материјалите на кои вештачката интелигенција е тренирана.
Отворено прашање е: „Кој е одговорен за генерираниот изглед на апликациите кога тие се речиси идентични со некоја постоечка апликација?“. Дизајнерите пак треба да одговорат дали воопшто ќе користат ваква технологија ако знаат дека може да имаат правни проблеми.







