Comfy Girl: Lofi Companion – Дигитално прибежиште за релаксација
Во случај да барате да навлезете во мирен простор за релаксација, Comfy Girl: Lofi Companion е дизајнирана да биде ваш придружник во секојдневните активности, без разлика дали работите, учите или едноставно ви е потребен момент за одмор.

Comfy Girl: Lofi Companion има за задача да ви дозволи да создадете пријатен и персонализиран виртуелен простор. Па така, веднаш започнувате со декорирање на вашиот дигитален дом со мебел, растенија и други предмети, создавајќи катче кое го одразува вашиот стил. Покрај уредувањето на просторот, можете да го прилагодите и изгледот на вашиот лик со различна облека. Со текот на времето, собирате симпатични миленици, вклучувајќи и поретки видови, кои ви прават друштво. Од време на време, ќе можете да стапувате во интеракција со споредните ликови, како бабата и најдобрата пријателка Зои,како и да одиграте опционални мини-игри. Што и да правите, се е замислено да понуди брза и лесна забава без притисок. Целото искуство е дизајнирано да биде спонтано и да се вклопи во вашиот ден, без тајмери или наметнати цели.

Визуелниот стил е една од најсилните страни на играта. Целата уметност е рачно нацртана, со јасна инспирација од делата на познатото јапонско студио Гибли. Топлите бои и нежните анимации создаваат чувство на удобност и носталгија. Звучната подлога е составена од внимателно одбрани лоуфи нумери кои се повторуваат во позадина, создавајќи идеална атмосфера за концентрација или опуштање. Комбинацијата од визуелниот шарм и смирувачката музика е клучна за постигнување на целта на играта – да биде дигитален комфор.

Comfy Girl: Lofi Companion не е игра која се обидува да ве предизвика, туку да ви понуди дигитално прибежиште. Во време кога многумина се соочуваат со стрес и анксиозност, оваа игра функционира како евтина и ефикасна алатка за ментално здравје. Користејќи го принципот на создавање ред и естетика во виртуелен простор, се поттикнува чувство на смиреност и контрола. Отсуството на притисок и натпреварувачки елементи ја прави совршен избор за оние кои бараат одмор од динамичните и честопати напорни игри.

Funko Fusion – Digital Deluxe издание
На времето, пишувавме за тоа како Funko Fusion е игра која ветуваше многу, но испорача малку. Авторите, меѓутоа, не кренаа раце од играта и напорно работеа на подобрување на искуството, вовлекувајќи и бројни новитети и содржини за сите љубители на ваквите акциони фигури, лансирајќи го, од неодамна, и Funko Fusion Digital Deluxe изданието.

Новото издание се труди да ги испочитува најпознатите франшизи од богатата библиотека на NBCUniversal. Па така, имате можност да ги споите световите и ликовите од култни филмови и серии како Jurassic World, JAWS, Back to the Future, The Thing, Chucky, Battlestar Galactica, Xena: Warrior Princess и дури и хумористичната серија The Office.

Покрај сите досегашни ажурирања на основната игра, Digital Deluxe изданието вклучува бројни додатоци, обединувајќи ги претходно објавените платени експанзии, ексклузивни бонуси од периодот на преднарачки, како и сите бесплатни додатоци кои беа широко достапни.
Во случај да веќе ја имате Funko Fusion на PlayStation или Xbox ќе можете да ја надоградите вашата верзија на Deluxe изданието по значително пониска цена, од 10 долари.

Со уникатната мешавина на иконски ликови, специфичен хумор и комбинација на различни поп-културни феномени, Funko Fusion продолжува да ги освојува гејмерите, особено на конзолите каде извлекува повисока оценка. Digital Deluxe изданието нуди одличен и практичен начин како за новите играчи, така и за постоечките фанови, да го доживеат сето она што играта го нуди, спакувано во една сеопфатна колекција. За повеќе од нашето мислење, кликнете на следниот линк.

Murder Inc: Кога времето е вашето оружје
Murder Inc е пукачка игра со поглед од птичја перспектива која се одвива во мрачен, хаотичен свет. Во неа, вие ја преземате улогата на мистериозен оперативец чија задача е да ги елиминира криминалните елементи што владеат со градот. Чедото на PigeonDev ја издвојува нивната игра од другите во жанрот по тоа што воведува уникатна механика каде времето се движи само кога вие се движи.

Во Murder Inc вашето движење и напади го придвижуваат светот околу вас, додека моментите на мирување го замрзнуваат времето, овозможувајќи тактичко планирање. Оваа механика ја трансформира секоја пресметка во сложена загатка, каде што мора внимателно да го темпирате вашето движење за да избегнете куршуми, да се позиционирате стратешки и да изведете прецизни напади. Борбата е брутална и брза, барајќи комбинација од рефлекси и промисленост.

Murder Inc е едноставна игра која може да понуди одредена забава, особено доколку уживате во механики со успорување на времето и стратешкото искуство кое произлегува од тоа. Наместо да се потпира само на брзи рефлекси, успехот зависи од способноста да се предвидат потезите на непријателите и да се искористи замрзнатото време за планирање на совршениот напад. Оваа симбиоза помеѓу брза акција и методично планирање создава релативно забавен ритам кој ќе ве држи заинтригирани до одреден период. Играта наскоро ќе излезе и за конзолата на Сони.








