0 коментари 5 мин. читање 21 ноември, 2024

Metal Slug Tactics е носталгично навраќање во минатото преку целосно нови механики

Дојде време еден од најпопуларните флиперски серијали да се врати на големата врата. Со години наназад, носталгично се присетуваме на бројните впечатливи моменти кои ги имаме поминато со Metal Slug игрите. Сега, Leikir Studio, во соработка со Dotemu i Gamera Games не враќаат во истиот универзум, но во жанр кој би можел да ве изненади.

Metal Slug Tactics е turn-based тактичка стратегија со roguelite елементи. Звучи чудно во теорија, но тимот се има потрудено одлично да ги вклопи таквите механики во познатиот универзум и со препознатливите ликови.

Родени да убиваат

Иако приказната не е во преден фокус, Metal Slug Tactics ве втурнува во нова мисија каде треба да го уништите режимот на генералот Доналд Морден. За да успеете во намерата, ќе биде потребно да се соочите со бунтовничката армија која има воведено воена состојба во градот Сироко. Суптилната приказна се сервира преку скромни дијалози и задолженија кои обично се движат од уништување на непријателите, штитење или придружување на заложниците, и слично.

Битката ја започнувате на мала, но внимателно осмислена и рачно-нацртана мапа полна со можности за стратешко движење, напаѓање и одбрана. Имено, можете да се криете зад пречки, да сте над или под непријателите, како и да ја искористите околината за брзо и ефикасно елиминирање на повеќе непријатели од еднаш (како да пуштите огромен товар да падне врз глави на неколку непријатели, или да погодите буре полно со експлозивна материја). Штом ја решите мисијата поврзана со мапата (како елиминирање на непријателите), на истата мапа се прилепува друг дел (со нови непријатели), па трет и се така додека не се реши главната мисија. Покрај главната мисија, имате и споредни, како да се елиминираат непријателите за одреден број од редови (turns).

На почетокот на Metal Slug Tactics играте со три ликови. Секој од овие ликови се одликува со уникатни оружја, напади и способности. На бојното поле наредувате каде да се движат ликовите и дали да извршат само една акција. Покрај стандардните акции, имате и специјални, но тие чинат адреналин. Што повеќе и подалеку се движите, тоа повеќе адреналин собирате. На истиот овој принцип собирате и dodge – способност да бидете помалку повредени од непријателските напади.

За уште подобра одбрана, можете и да се криете зад одредени препреки, со што издржливоста станува исклучително повисока. На овие начини, авторите се имаат погрижено константно да сте во движење и да ги користите предностите на вашите способности. Штом направите по едно движење и акција, ќе треба да преминете на наредниот војник. Откако ќе им зададете наредби на сите, ќе можете да кликнете да се заврши вашиот ред и да видите што ќе направат непријателите.

Metal Slug Tactics е одлична стратегија заснована на редови. Со храбрите нови механики, играта успева да понуди свежа, предизвикувачка и секогаш непредвидлива акција. Потребно е константно да внимавате и на поставеноста на непријателите и на поставеноста на вашите војници. Имено, Metal Slug Tactics има уште една уникатна механика поврзана со синхронизирани напади – заеднички напади на еден ист непријател кој се наоѓа во непосредна близина.

Во навидум безизлезни ситуации, ќе можете да повикувате воздушни напади, тешка артилерија и многу повеќе. Сево ова е прекрасно анимирано и вклопено во ретро светот, пружајќи часови и часови одлична забава. За уште поголема длабочина, ќе бидете наградувани и со најразлични оружја и модови кои ги менуваат способностите на вашите војници на значајни начини.

Како игра која се заснова на roguelite напредување, Metal Slug Tactics воопшто не е лесна игра. Но, бројните порази се само уште една можност да соберете искуство, да отклучите способности и да пробате одново. И одново. Се додека не станете подмачкана и несопирлива машина за деструкција. Доколку и пружите шанса на играта ќе ви се отворат 110 рачно-нацртани мапи, 20 различни мисии, 36 различни оружја, 176 модови и 9 култни ликови. Сево ова, уредно спакувано во лесна приказна поврзана со вечната борба против тиранијата.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Leikir Studio
  • ИздаваDotemuGamera Games
  • Жанр: стратегија
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 5 ноември 2024
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top