Со преубавата шаренолика графика и релаксирачки механики поврзани со вашиот механички костим, Lightyear Frontier се истакнува како една од најпријатните изненадувања во жанрот со фармерски симулации.
Иако играта на Frame Break и Amplifier Studios е во раниот пристап на Steam, можеме да потврдиме дека она што веќе го има е повеќе од доволно за уникатна забава во вашиот нов дигитален дом каде, сами или со уште тројца пријатели, можете да одгледувате најразлични култури, да градите и да истражувате!
Сите механики и елементи во Lightyear Frontier водат и се испреплетуваат околу една и единствена цел – да се релаксирате! На почетокот, таквото нешто го правите само со впивање на детално-осмислениот свет кој е полн со впечатливи дизајни.
Светот е полн со преубави вонземни убавини и често застанувавме само за да се восхитуваме на одлично донесените креативни одлуки, дали на начинот на кој одреден водопад се вклопува во пештерата или пак во преубавата флора и фауна која се има вдомено во одредена долина.

За брзо време, ќе можете да навлезете во вашиот механички костум и да започнете значително поефикасно собирање и складирање ресурси, како и поефикасни начини за движење и истражување на отворениот свет. Управувањето преку вашиот мек е задоволително, со тешки, но реалистични анимации потпомогнати од соодветни механички звуци.
Во зависност од тоа дали сте во мекот или не, светот се здобива со поразлична димензија. Имено, она што ви делувало мало додека сте во мекот, знае да биде значително поголемо доколку решите да излезете од костимот и да започнете самостојно истражување.

Како што напоменавме во неколку ситуации, Lightyear Frontier е релаксирачка игра. Поради тоа, во ниеден момент нема да наидете на битки или пак на временски притисоци. Работите она што сакате, како сакате и кога сакате. Ништо од вас не се бара, освен да се опуштите и да ја истражувате зен околината.
Паралелно со ова, можете да „пуштите корени“ на одредено место и да градите најразлични работи, користејќи ги ресурсите кои сте ги собирале претходно. Како поминува времето, така можете и да отклучувате дополнителни надградби кои ја зголемуваат ефикасноста на вашиот мек.
Благодарение на ова и на алатките (како топови за наводнување или џиновски правосмукалки), многу лесно и задоволително ќе можете да садите, одгледувате и собирате најразлични култури. Кога ќе ви здосади и ова, ќе можете да го украсувате светот и вашиот мек со најразлични декорации!

Штом почнете да се ширите подалеку, ќе забележите дека некои региони се заклучени. Откако ќе ги исчистите доволно светот околу вас, ќе можете да ги отклучите и тие региони и да навлезете во значително погусти шуми, планински места и слично.
Секој регион се одликува со дополнителни ресурси и надградби за вашиот мек. Тука и таму, ќе го привлечете и вниманието на најразлични интересни ликови кои ќе се појават за да им понудите корисни работи за продажба.

Кога ќе се земе се во предвид Lightyear Frontier е пријатна и крајно забавна игра со која поминавме многу интересни моменти.
Во случај да сте фанови на фармерски симулации, но не и на константната потреба за задоволување на гладот, жедтта, спиењето, дополнителни временски предизвици, како и битки, тогаш ова е наслов кој би требал да ви е на радарот.
Во меѓувреме, студиото работи на воведување дополнителни околини, култури, ресурси, животни и надградби за вашиот мек. Во иднина, се очекува и проширување на приказната, како и нови мисии.

Повеќе детали за играта
- Произведува: FRAME BREAK, Amplifier Studios
- Издава: Amplifier Studios, FRAME BREAK
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 19 март 2024, за конзоли







