Мрежата за инвестирање Zephyr Angels ја реализира својата pre-seed инвестиција во македонско-српскиот стартап barKoder, deep-tech стартап кој развива високо-прецизни софтверски решенија за скенирање баркодови. Ова е првото надворешно финансирање за компанијата од нејзиното основање во 2021 година.
Главниот производ на barKoder – barKoder SDK – овозможува на бизнисите да ги заменат традиционалните хардверски скенери со флексибилна, скалабилна и поекономична софтверска алтернатива.
Компанијата е основана од тим со над 14 години заедничко искуство во областа на технологијата за скенирање: Вангел Иванов (CEO/CCO) и Владимир Лазаревски (COO) од Македонија, и Владимир Живковиќ (CTO) од Србија. Широкиот технички тим е базиран во Македонија, каде што се одвива главниот развој на производот.
barKoder произлегува од реална потреба – наместо комплексни и скапи уреди, тимот создаде решение кое е полесно за интеграција, подобро прилагодено за девелопери и поодржливо на долг рок. Од своето лансирање, платформата има над 1.200 регистрирани девелопери, тројно зголемена веб присутност и потврден пазарен интерес од рани клиенти.
Од Zephyr Angles додаваат дека инвестицијата ќе овозможи проширување на функционалностите на производот – вклучувајќи OCR и поддршка за Augmented Reality – како и јакнење на продажните и маркетинг активности.
barKoder има потенцијал да стане водечко софтверско решение за скенирање, особено во период кога големи играчи како Cognex го напуштаат SDK пазарот, потенцираат од регионалната мрежа на бизнис ангели.







