0 коментари 5 мин. читање 15 март, 2025

Odinfall: забавна комбинација од rogue-lite и twin-stick механики

Зошто да ја играте?

  • Експлозивна и адреналинска акција која произлегува од забавни rogue-lite и twin-stick механики
  • Забавни класи и бројни, надградливи оружја кои охрабруваат експериментирање на невообичаени начин
  • Прекрасна графика и впечатлива музичка подлога

Odinfall е игра која ви дозволува да го ослободите викингот во вас и да навлезете во роботски Рагнарок полн со пукање, сечење и стратешко напредување низ предизвикувачки левели. Иако штотуку-излезената игра на Ember Paw Games се води дека е во раниот пристап на Steam, сепак се одликува со целосно искуство. Наместо нови содржини, развојниот тим се фокусира на усовршување на веќе-одличната акција. А, верувајте, акција има за извоз!

Смеса од rogue-lite и twin-stick

Odinfall се одликува со квалитетни механики за брза, висцерална борба. Од една страна, twin-stick контролите нудат интуитивно движење и нишанење, овозможувајќи беспрекорни премини помеѓу далечни и блиски напади. Од друга страна, пак, процедурално генерирани нивоа и rogue-lite системите се погрижуваат за свежо и задоволително искуство при секое преигрување.

Во пост-апокалиптичната иднина имате за задача да стравите крај на навидум несопирливите викиншки војски и да го уништите богот Один. Играјќи како роботиски воин (Cyberserker) ќе навлегувате во универзумот Bifrost кој е уредно поделен на четири категории. Првата категорија е резервирана за учење како да се игра играта и подобро да се запознаете со бројните оружја и комбинации. Еднаш штом се здобиете со самодовербата, ќе можете да навлезете во второто ниво – Land of the Wolf!

Бројните левели се означени со различна тежина и како ги поминувате првите, така напредувате кон наредните. Секое ниво крие под нивоа и легија од противници. Непријателите се одликуваат со различни движења и напади, принудувајќи ве да користите рефлекси за брзо избегнување напади и ефикасно нишање. Во поглед на оружјата, Odinfall се одликува со исклучително интересен систем кој ви дозволува да вршите најразлични, обично, крајно неочекувани комбинации, како несопирливи метални тупаници, minigun кој исфрла куршуми кои се отровни за непријателите, но лековити за вас, и слично.

Константното напредување на играта, ќе ви дозволи да отклучите и дополнителни класи кои се играат значително поразлично од останатите. Сите од трите ликови можете да ги надградувате на најразлични начини. Ова, во комбинација со бројните, непредвидливи оружја, како и дополнителните надградби и способности, допринесува до хаотична забава. Имајте во предвид, меѓутоа, дека играта воопшто не е лесна и дека често може да се случува да умирате, особено на почетокот, додека се прилагодувате на уникатните механики.

Odinfall нема да ве разочара ни во поглед на графиката и музичката подлога. Се работи за преубава, ретро-инспирирана графика која потсетува на класичните аркадни пукачки игри. Особено се впечатливи експлозиите, особено кога ќе ги насочите кон деструктивните средини кои се распаѓаат на задоволувачки начин. Интересен спој од носталгична естетика која прекрасно дава збор на хаотичната енергија, прикажувајќи преубава постапокалиптична иднина. За пофалба е и музиката која беспрекорно го спојува електронскиот ритам со викингшки-инспирирани мелодии, создавајќи динамично , но адреналинско дејство за хаосот кој се одвива на екранот.

Ако барате хаотично, акционо rogue-lite искуство со уникатна мешавина од нордиска митологија и футуристички хаос, Odinfall е игра која што може лесно да се препорача.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ember Paw Games
  • Издава: Fireshine Games
  • Жанр: акција
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 11 март 2025
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top