Мirage 7: Пустински илузии и механички тајни

За италијанското студио Drakkar Dev, Mirage 7 е амбициозен исчекор. Нивното најново дело е, всушност, мрачна бајка сместена во пустински свет, со предизвикувачки загатки кои се кријат зад секој агол. Преку маестрална спојка на елементи на научната фантастика и класична фантазија инспирирана од приказните за Илјада и една ноќ, ќе навлезете во преубав свет кој љубоморно ги чува тајните од вас. 

Најважни карактеристики:

  • Уникатен свет: Интригантен спој на арапски фолклор и неочекувани научно-фантастични елементи.
  • Впечатлив наратив: Емотивна приказна за семејна загуба и жртва, базирана на наградувано литературно дело.
  • Кооперативни сложувалки: Иновативно користење на вашето милениче и уникатните способности за напредок низ мапата.
  • Врвна аудио-визуелна презентација: Квалитетна гласовна глума од реномирани актери и атмосферски дизајн на околината.
  • Приспособливост: Три различни режими на тежина кои го прават искуството достапно за секаков тип на играчи.

Во Mirage 7 ја преземате улогата на Надира, млада и одлучна авантуристка која е подготвена на сè за да ја врати својата почината сестра во живот. Придружувана од нејзиното милениче, со Надира ја започнувате потрагата по легендарната изгубена принцеза Таишма и таинствената оаза. Додека вие се залагате за ова, во позадина се расплетува паралелна, неочекувана приказна за урнат дрон и мистериозен хибрид разбуден во тајна подземна воена база. Како финален резултат, добивате  длабоко емотивно патување кое е проткаено со теми на храброст, загуба и предавство. 

Приказната во Mirage 7 е директно инспирирана од наградуваниот краток расказ „Мираџо“. Расказот поставува солидни темели за приказна која постепено ги открива тајните на суровиот свет во кој се наоѓате и ликовите со кои стапувате во интеракција. Гласот на Надира е позајмен од актерката Блер Грин-Осако (истата актерка која е позната од Amanda the Adventurer). Блер успева да внесе емотивна тежина и ранливост кај протагонистот, но таа не е единствениот квалитетен талент во играта. Тука е и Енди Мек (од Dying Light 2 и Chernobylite) кој впечатливо го оживува мистериозен Везир. Задоволство е да се сведочи како талентите ја збогатуваат атмосферата и даваат силна автентичност на ликовите.

Што се однесува до гејмплејот и самите механики, М7 се потпира на истражување, решавање загатки и преживување во негостопримливата средина. За да бидете успешни, една од работите кои треба да ги правите е да собирате ресурси за да изработувате основни алатки. Овој систем, меѓутоа, делува премногу рудиментирано и недоволно развиено и доколку барате комплексна економија на ресурси, овде би биле благо разочарани. Борбениот систем, од друга страна, нуди комбинација од блиски напади (со кама) и борба на далечина (користејќи праќа). Битките се функционални и има забава при справување со пештерските пајаци и одмаздољубивите духови, но и овде не можете, а да не се здобиете со впечаток дека работите не штимаат и требало да се посвети повеќе време да се подобри флуидноста на движењата и нападите. Онаму каде што играта навистина сјае е во поглед на одлично дизајнираните сложувалки кои бараат паметна соработка со вашето гуштерче.

Доколку сте спремни да затворите едно око на одредени системски несовршености, тогаш светот кој се отвора пред вас максимално ќе ве освои со детално дизајнирани песочни дини и антички храмови кои совршено го доловува мистичниот амбиент на Блискиот Исток. На крајот на денот, Mirage 7 претставува освежувачко и амбициозно дело кое вреди да се доживее, особено доколку примарно играте игри поради приказната и истражувањето. Богатиот свет, шармантната динамика помеѓу Надира и нејзиното милениче, како и храбриот спој на жанрови од петни жили се трудат да ги надоместат горе-споменатите недостатоци. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk