Како го пропуштивме најголемиот технолошки настан на почетокот на 2026

Олга Прудка/CES 2026

Годинава ја започнавме со огромни надежи за CES 2026 и сето она што беше најавувано од светските технолошките гиганти. Имавме јасен план, одиме во Лас Вегас, ги гледаме и истражуваме новите технологии, запознаваме експерти и разговараме за тоа како ќе изгледа новата година од технолошки аспект, и кои ќе бидат следните технолошки трендови. Но патувањето што требаше да нè однесе таму заврши многу порано – на аеродромот во Амстердам, каде што нашиот лет беше само еден од над 3.000 летови кои беа откажани минатата недела. 

Овојпат, за промена, технологијата не беше причината за хаосот – туку тоа беше снегот. Десетина сантиметри снег беа сосема доволни да ја закочат цела Холандија: авиони, возови, автобуси, автомобили – сè застана, а со тоа и нашиот пат кон најважниот технолошки настан на годината.

Газејќи по снегот што го парализираше Амстердам

Додека ги следевме таблите со откажани летови и баравме алтернативен начин за да стигнеме до Лас Вегас, CES 2026 веќе беше во полн ек. Годинава, фокусот на настанот беше ставен на јасната демонстрација дека вештачката интелигенција, роботиката и автономните системи полека но сигурно влегуваат во фаза на масовна и практична примена.

Извор: Олга Прудка/CES 2026

Гигантот NVIDIA практично го дефинираше технолошкиот тон на настанот. Со лансирањето на NVIDIA Rubin – нова платформа составена од шест чипови што заедно функционираат како еден AI суперкомпјутер – компанијата ја отвори следната ера на вештачка интелигенција. Rubin значително ги намалува трошоците за тренинг и користење на AI модели, додека истовремено овозможува невидени перформанси. Jensen Huang порача дека побарувачката за AI расте експлозивно, а Rubin доаѓа токму во вистинскиот момент.

Покрај тоа, NVIDIA го претстави и Alpamayo, ново open-source семејство на AI модели за автономни возила, наменети да им овозможат на автомобилите да размислуваат за ретки и комплексни сценарија, безбедно да возат и да ги објаснат своите одлуки. Првите возила со оваа технологија, во соработка со Mercedes-Benz, се очекуваат на американските патишта веќе во првиот квартал од 2026.

Samsung на својот настан The First Look ја претстави визијата Companion to AI Living, со која AI не е само функција, туку постојан придружник во секојдневниот живот. Компанијата гради поврзан екосистем што ги обединува мобилните уреди, телевизорите, апаратите за домаќинство и услугите во едно персонализирано искуство, при што AI е темелот на целиот систем.

Извор: Samsung/CES 2026

Siemens, пак, го донесе концептот на дигитален близнак од презентации и лаборатории директно на фабричкиот под. Со својот Digital Twin Composer, компанијата им овозможува на производителите да ги симулираат фабриките пред да направат скапи надградби, а резултатите веќе се видливи – PepsiCo пријавува зголемен производствен капацитет и пониски капитални трошоци откако ги оптимизирале своите погони преку оваа платформа.

Во енергетскиот сектор, Commonwealth Fusion Systems објави голем пробив со инсталацијата на првите магнети во нивниот фузиски реактор SPARC, проект што може да значи реален почеток на чиста и речиси неограничена енергија.

Во роботиката, круната дојде со претставувањето на новиот Atlas од Boston Dynamics – целосно електричен хуманоиден робот, чие производство започнува веднаш, а сите единици за 2026 веќе се распродадени. Првите флоти ќе заминат во фабриките на Hyundai и во лабораториите на Google DeepMind, каде што Atlas ќе се обучува за широк спектар на индустриски задачи.

Atlas и другите AI-роботи ќе се тренираат и тестираат во Robot Metaplant Application Center (RMAC) на Hyundai, дел од нивниот Software-Defined Factory (SDF) модел. Овој пристап им овозможува на роботите и луѓето да работат побезбедно и поефикасно заедно, додека постојано се надградуваат и подобруваат перформансите на роботите. SDF користи софтверско- и податочно-воден модел на производство, овозможува поголема агилност и флексибилност, побрзо приспособување на пазарните промени, подобрување на квалитетот на производите и намалување на трошоците.

Извор: Hyundai

Сето ова укажува дека 2026 конечно ќе биде година на имплементација. Вештачката интелигенција престанува да биде алатка за демонстрации и станува инфраструктура; роботиката излегува од лабораториите и влегува во фабриките, домовите и градовите; а енергетските технологии конечно почнуваат да нудат скалирани решенија за глобалните предизвици. Па така, очекувањата за оваа година веќе се поставени: повеќе реални производи, повеќе автономија и поголема интеграција помеѓу уредите, системите и луѓето.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk