0 коментари 2 мин. читање

Веднаш надградете го Google Chromе

Google Chrome има нова надградба, овој пат во фокус е безбедноста. Најновата безбедносна закрпа на Google Chrome надминува сериозен „Zero Day“ безбедносен пропуст за кој Google има податоци дека активно се злоупотребува. Надградбата е достапна за сите верзии на Chrome, за Windows, macOS и Linux.

„Google е свесен за известувањата дека пропустот CVE-2022-3075 активно се злоупотребува“, вели Прудхвикумар Бомана на блогот на Chrome.

Google на 30-ти август добил анонимна дојава за безбедносниот пропуст, а веќе на 2-ри септември беше најавена стабилната верзија на надградбата. Ова секако не е редовна надградба на прелистувачот, па нема никакви нови функционалности. Надградбата овозможува затворање на еден „Zero Day“ безбедносен пропуст.

Досега нема никакви информации за пропустот CVE-2022-3075, иако Google го означи како ранливост со висока сериозност (high severity vulnerability). Единствено што обелоденува соопштението е дека пропустот предизвикува недоволна валидација на податоци во Mojo. Mojo е сет на „runtime“ библиотеки кои ги користи Chromium.

Кога надградбите на софтвер се во прашање Google е една од најажурните компании. Ова се однесува и на Android, и на апликациите, и на прелистувачот. Надградбата ќе биде достапна до сите корисници за најмногу неколку денови. За најмногу неколку недели надградени ќе бидат сите Chrome прелистувачи.

Она што е поинтересно ќе бидат деталите за пропустот и за начините на кои активно се злоупотребувал. Засега овие детали не се достапни, но веројатно ќе дознаеме кога Google ќе процени дека најголем дел од прелистувачите се надградени.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Мени
Заедница
Изглед
To top