Во настан кој би можел да биде запомнет како најнеспособна кражба на интелектуална сопственост, повторно се уверивме дека во видео-повиците секогаш треба да се внимава на сите отворени прозорци.
Мохамад Монирузаман (Mohammad Moniruzzaman) неодамна беше фатен со код од компанијата Valeo во која претодно бил вработен. Кодот по грешка го споделил со своите поранешни колеги во Microsoft Teams разговор.
Монирузаман бил вработен во Valeo, компанија која работи на развој на елементи за возила. Во 2021 година тој без дозвола го преземал целиот код од системите за паркирање и асистирање при возење, од 4 онлајн складишта. Преземал Word-документи, PowerPoint презентации, PDF, и Excel-табели, со кои се објаснуваат различни аспекти на технологијата која ја развиле. Истата година се префрлил во Nvidia. Најпознатиот дизајнер на графички картички и самиот е заинтересиран за развој на технологија на возила. Valeo ги обвини Nvidia и Монуризман за кражба на интелектуална сопственост.
Во податоците кои ги Монирузаман ги украл од складиштата имало 27 000 фајлови и над 6GB сорс код кој се однесува на процесирање на сигнали од ултрасоничен сензор, фузија на сензори за креирање на мапа на околината, мерење на димензиите на паркинг местата, маневрирање за паркирање и итно сопирање, пренесе Register.
Веројатно поинтересен е делот, како неговите поранешни колеги го фатиле Мохамад. Кражбата е откриена во Microsoft Teams разговор во кој заедно учествувале вработени од Valeo и Nvidia. На состанокот се разгледувала соработка за креирање на софтвер за ултрасоничен сензор. Nvidia според договорот и требала да го изработи софтверот.
„На 8 март 2022 година беше закажан едeн од овие видео-конференциски состаноци. Г. Монирузаман, сега вработен во Nvidia, присуствуваше на видео повикот… и го сподели својот компјутерски екран за време на повикот. Меѓутоа, кога ја минимизираше PowerPoint презентацијата, откри фајл со изворниот код на Valeo, отворен на неговиот компјутер.
Кражбата на Монирузаман е толку безобразна, што патеката до фајлот на неговиот екран сè уште е „ValeoDocs“. Учесниците од Valeo на видео-конференција веднаш го препознаа изворниот код и направија скриншот пред г. Монирузаман да ја забележи својата грешка. Тогаш веќе беше предоцна да ги покрие своите траги“, пишува во судските документи кои ги сподели Verge.
Во полициската рација во домашната канцеларија на Монирузаман се пронајдени документи од Valeo. Софтвер и документи се пронајдени и на неговиот лаптоп од Nvidia. Монирузаман потврдил дека ги украл фајловите и документите од Valeo. Поради овој прекршок е казнет со 14 400 евра.
Сепак од Nvidia негираат каква било употреба на истите, додавајќи дека нема никаков интерес за овој код. Valeo се сомнева дека украдениот код е споделен со дел од инженерите во Nvidia.
Германската компанија тврди дека и сорс кодот и документацијата се користени во развојот на софтверот на Nvidia. Ова им овозможило на Nvidia да скратат дел од истражувањето и развојот, и со тоа заштедиле стотици милиони долари. Како последица на ова, Valeo тврди дека им е нанесена штета, и за ова ќе бараат отштета. Засега нема објавена дата за почеток на судскиот спор.







