Ayasa: Shadows of Silence е платформска игра која, исто така, претставува еден вид интроспективно патување низ невообичаен свет каде што границата помеѓу светлината и темнината е загрижувачки тенка. Наративот се врти околу младата Ајаса, која мора да патува низ земји опустошени од човечките пороци. Низ море од алчност, предавство и рамнодушност, девојката е во потрага по остатоците од светлината на апсолутот, Тас.

Приказната, иако мрачна и тешка, е раскажана без ниту еден изговорен збор, потпирајќи се целосно на пантомима и визуелен симболизам за да го пренесе својот наратив. Ayasa: Shadows of Silence не ви кажува што да чувствувате, туку ве остава самите да ги интерпретирате последиците од вашите постапки.
Во Ayasa: Shadows of Silence се движите низ шест земји кои се обликувани во зависност од симболите за верба, надеж, љубов, алчност, рамнодушност и предавство, нудејќи уникатни предизвици и морални дилеми. Механиката на светлина и сенка нуди забавни гејмплеј можности. На пример, светлината открива скриени патеки и активира древни механизми, додека сенките се користат за да кријат опасности. Во ваквата светло-темна игра, загатките бараат логика и прецизен тајминг, нешто што е дополнително разработено преку отклучување нови способности кои се уникатни за секоја од земјите.

За потребите на визуелниот идентитет за Ayasa: Shadows of Silence, се црпе јасна инспирација од великаните на надреализмот и мрачната фантазија како Тим Бартон, Рене Лалу и Хајао Мијазаки. Секој кадар е богат со симболизам и алудирање на мрачни емоции кои произлегуваат од ноар стилот. Преку минималистичка, но моќна палета на бои се буди вознемирувачко чувство на меланхолија и страв, создавајќи атмосфера која е и вознемирувачка и хипнотизирачки убава.

Во отсуство на дијалози, музиката се наметнува како клучната алатка која го презема товарот на емотивното раскажување. Саундтракот, инспириран од делата на Комитас, додава збунувачки длабок слој кој оди по граница која разделува трагедија и надеж. Меланхоличните тонови совршено се вклопуваат со визуелниот стил, водејќи ве низ емотивните подеми и падови на Ајаса.

Кога ќе се земат сите овие работи во предвид, Ayasa: Shadows of Silence е храбар обид да се спојат хоророт, платформингот и уметноста во едно целосно искуство. Доколку сакате игри со загатки и мрачна приказна тогаш не би требало да ја заобиколите играта на Aya Games.








