Пред извесно време, имавме можност да го испробаме демото за играта Mycopunk. Уште тогаш, демото вети уникатно искуство што комбинира елементи од популарни наслови како Deep Rock Galactic и Risk of Rain, но со впечатлив визуелен (и гејмплеј) стил кој силно потсетува на Borderlands.
По неколку месеци, играта конечно пристигна на Steam Early Access, нудејќи им можност на играчите да влезат во улога на необични роботи и да ја исчистат галаксијата од смртоносна габична закана. Но, дали забавата од демото е соодветно пренесена и надградена во целата игра? И што можеме да очекуваме во иднина од заедничкиот проект на Pigeons at Play и Devolver Digital?
Mycopunk e феноменална акциона FPS игра која особено ќе им се допадне на Borderlands и Deep Rock Galactic фановите. Да не не сфатите погрешно: Mycopunk не е копија на тие два наслови, туку природно надоврзување кое ве вовлекува во прекрасни научно-фантастични светови и ве опсипува со бројни, хаотични моементи полни со адреналинска акција, нешто што знае да биде двојно позабавно доколку играте со пријателите. Како чистокрвен ко-оп наслов, Mycopunk дозволува заедничко истражување на мистериите на планетата каде дел од елитен тим за чистење.

Последна шанса
Приказната ве запознава со New Atlas Hazard Crew – уникатна екипа од отфрлени роботи кои добиваат последна шанса да се докажат како не би завршиле на отпад. Ангажирани од моќната корпорација SAXON, овие роботи-аутсајдери се испратени на планета зафатена од мистериозна габична катастрофа. Вашата задача, како еден од тие роботи, е да се впуштите во серија опасни мисии на површината на планетата, да ја потиснете миколошката закана и да ги откриете тајните што се кријат зад неа. Низ серијата од мисии, ќе пробате да дознаете дали станува збор за обична природна катастрофа како што тврди корпорацијата, или се крие нешто многу поголемо?

Прилагодување и уништување
Она што го издвојува Mycopunk е неговиот исклучително длабок систем за прилагодување. За брзо време ќе откриете дека имате на располагање огромен арсенал на футуристички оружја и алатки, кои потоа можат да ги надградат преку уникатен систем базиран на мрежа. Ова овозможува создавање на апсурдни и неверојатно моќни научно-фантастични супер-оружја, скроени според вашиот стил на игра. Секоја наредна мисија ви дозволува подлабоко да навлезете во уникатниот систем и да го поплочите патот со помоќно и поразлично искуство.
Борбата е брза и хаотична, нешто што сигурно го забележавте уште во трејлерот. Ќе се соочите со непријателски орди кои ја корумпираат технологијата на планетата за да ја употребат против вас.
Интересен додаток е механиката за распарчување, која ви дозволува буквално да ги кинете непријателите дел по дел. Сепак, откинатите делови можат да бидат искористени од други непријатели, што создава постојан притисок не само да ги елиминирате, туку и да спречите да еволуираат во уште поголема закана. Движењето и пукањето нудат исклучително пријатно чувство и се дефинитивно најсветлите точки на играта.

Центар за социјализација
Како што напоменавме и за демото, силината на роботите е во нивната бројка. Кога ќе ве опкружат од сите страни, хаосот значително да допринесе до тензична атмосфера. Тоа е затоа што Mycopunk е дизајниран со фокус на тимската работа. Комбинирањето на надградените способности и прилагодените оружја на различните ликови создава синергетски комбинации кои водат до стратешки кооперативен хаос. За уште поголем хаос маскиран во комична ситуација, ја имате на располагање и можноста за пријателски оган.
Но, вистинската магија се случува кога ќе почнете да ги користите способностите. Вештото користење на куката за брзо репозиционирање, фрлањето на електрична бомба за парализирање на група непријатели или пак акробатското пролетување низ воздухот честопати се пресудни во критичните ситуации кога здравјето ви е на минимум. Кога играте во група, вашите способности можат да се комбинираат со тие на вашиот соиграч, создавајќи моќни синергии кои не само што се смртоносно ефикасни, туку се и вистински празник за очи.
На крајот од секоја мисија, добивате детален увид во сработеното: колку искусни поени сте собрале, колку се надградени вашите оружја и, ако имате среќа, можност да отклучите сосема ново оружје. Системот за надградба е длабок и наградувачки, овозможувајќи ви да ги модифицирате вашите оружја со подеструктивни комбинации, правејќи го секој следен обид посвеж и позабавен од претходниот. Истовремено, вашиот лик (еден од четирите достапни класи) постојано еволуира, отклучувајќи корисни пасивни или активни способности за поефикасно движење, поголема издржливост или зголемена ефикасност. Овие надградби постепено ве претвораат од обичен војник во незапирлива машина за уништување.
Помеѓу мисиите, меѓутоа, можете да направите пауза и да се релаксирате во орбиталниот брод кој служи како социјален центар. Овој простор е исполнет со мини-игри и активности кои се замислени за дружба помеѓу пријателите, но и да дознаете нешто повеќе за светот на играта преку проникливи разговори со интригантни ликови.

Ран пристап
Програмерите зад Mycopunk, Pigeons at Play, планираат играта да остане во Early Access околу шест месеци. Тие нагласуваат дека Mycopunk во моментов е „суштински завршена игра“ со комплетен сет на карактери, оружја, мисии и надградби. Причината за раниот пристап е балансирањето. Со стотици различни надградби, некои комбинации неизбежно ќе бидат премногу силни или премногу слаби. Затоа, тие се потпираат на повратните информации од заедницата за да го усовршат балансот.
Целосната верзија ќе се одликува со целата наративна содржина додадена за време на раниот пристап. Во план се сите мисии да останат трајно достапни, дури и откако ќе завршат нивните поврзани настани.

Дури и во овој момент, Mycopunk е исклучително ветувачки наслов за сите љубители на кооперативни пукачки игри. Со својата одлична музика, забавен гејмплеј, длабок систем за надградба и фокус на тимската работа, има потенцијал да стане следниот голем хит во жанрот. Башка, цената од 1000 денари навистина не е многу, особено кога ќе земете во предвид колку веќе е вметнато во играта. Поради тоа, ако барате нова игра за уживање со пријателите, дефинитивно вреди да го следите развојот на Mycopunk.











