По три децении од првото појавување, се чини дека фановите конечно се подготвени за враќањето на еден од најпознатите анти-херои во жанрот на авантури. Simon the Sorcerer Origins пристигнува како долгоочекуван приквел на култниот серијал, игра која имаше големо влијание на дефинирање на pac авантурите од 90-тите.
Новата игра, развиена од студиото Smallthings, ветува дека ќе ги расветли мистериите од минатото на Сајмон, нудејќи приказна што се одвива само неколку недели пред настаните на легендарната прва игра. Подгответе се одново да се сретнете со најсаркастичниот волшебник во историјата на гејмингот, но овојпат во сосема ново руво и со приказна која истражува како тој станал тоа што е.

Simon the Sorcerer Origins останува верен на корените на серијалот, нудејќи гејмплеј механики кои се цврсто втемелени во класичната PaC формула. Сајмон го водите низ богато дизајнирани, дводимензионални околини, собирајќи предмети, испитувајќи ја околината и решавајќи низа на загатки. Загатките не се само за комбинирање на предмети од инвентарот туку вклучуваат и интеракција со сложени алхемиски уреди, дешифрирање на древни механизми и учење на моќни магии кои Сајмон ќе треба да ги примени на креативни начини.
Благодарение на ова, ќе добиете висока доза на комплексност што ги надминува стандардните загатки од жанрот, принудувујќи ве внимателно да размислувате на можните решенија. Покрај предизвикот од загатките, за пофалба е и интеракцијата со ликовите. Светот е населен со бизарни суштества и моќни, но претежно бескорисни волшебници, отворајќи можности за апсолутно апсурдни и хумористични дијалози, кои беа заштитен знак на претходните игри.

Визуелно, Origins прави храбар исчекор со целосно нов, рачно нацртан уметнички стил. Наместо да се обидува да го имитира пикселизираниот изглед на оригиналите, тимот се одлучил за флуиден, високодетализиран визуелен идентитет кој потсетува на анимирани филмови од 90-тите, но со модерна јасност и резолуција. Како резултат, магичниот свет оживува на начин кој претходно не бил можен, со богати позадини и експресивни анимации на ликовите.
Најголемото изненадување и веројатно најважниот адут за долгогодишните фанови е враќањето на Крис Бери, оригиналниот гласовен актер кој ги дефинираше првите две игри. Неговата иконска, суво-саркастична испорака на дијалозите е интегрален дел од идентитетот на Сајмон, и неговото присуство гарантира автентично искуство. Музичката подлога и звучните ефекти се во целосен склад со магичната, но и комична атмосфера на играта.

Спој на секојдневни тинејџерски проблеми со бизарноста на магичниот свет
Приказната се фокусира на Сајмон како тинејџер, кој против своја волја е вовлечен во магичен свет поради древно пророштво, истражувајќи поинтимни теми како што се односот со неговата мајка, присилното селење и откривањето на сопствената судбина. Интензивната приказна успешно балансира помеѓу емоционалните моменти на откривање и карактеристичниот апсурден хумор. Сајмон е принуден да се снаоѓа во свет каде што логиката честопати е извртена и да ги надмудри ликовите кои се исто толку чудни колку што се и магични.

Simon the Sorcerer Origins е игра која се препорачува и за ветераните на жанрот и за новите играчи. За оние кои со носталгија се сеќаваат на оригиналните авантури, ова е можност да се добијат одговори за потеклото на ликот, спакувани во прекрасен нов визуелен стил и со непроменетиот сарказам на Крис Бери. Со модернизирани контроли, врвна рачно цртана графика и хумор кој е безвременски, играта ги избегнува архаичните аспекти на старите игри. Дополнително, со интелигентни загатки кои бараат длабоко размислување, играта остава впечаток на внимателно изработено дело кое успешно го модернизира искуството без да ја жртвува душата на оригиналот.








