Шпионски скандал во Грција ја принуди владата на оваа соседна земја во целост да ја забрани трговијата со шпионски софтвер. Предлог законот кој пред пратениците треба да се појави наскоро, доаѓа откако весникот Documento објави листа на 30 имиња кои биле следени. Новинарите тврдат дека помеѓу следените луѓе има политичари, бизнисмени и министри, а следењето го правеле државни агенции.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го обвини весникот за ширење дезинформации и лаги. Додавајќи дека не е изложен никаков доказ дека членови на кабинетот се некако вклучени во следењето.
„Нема да дозволиме никаков сомнеж за прашањата кои го трујат грчкото општество“, вели претставникот на владата на Грција во најавата за законот.
За следењето на грчките граѓани бил користен шпионски софтвер. До неодамна „прв осомничен“ за следењето беше софтверот на NSO Group – Pegasus. Овој пат, за следењето бил користен софтверот „Predator“. За софтверот дознавме пред нешто помалку од една година, главно бидејќи во неговото креирање учествува и компанијата Cytrox која е основана во Македонија.
Грчкиот заменик премиер Јанис Оиконому тврди дека Грција ниту користела ниту некогаш купила софтвер за следење. Сепак во известувањето на Citizen Lab за „Predator“, како една од државите во кои се лоцирани корисници на Predator, е посочена и Грција. Извештајот беше објавен во декември 2021 година.
Најголем дел од жртвите на неовластено следење се непознати. Сепак една од потврдените жртви на следењето е лидерот на партијата ПАСОК и грчката опозиција Никос Андрулакис. Во јули Андроулакис пријавил дека се сомнева дека некој се обидел на неговиот телефон да инсталира софтвер за следење. Иако овој обид бил неуспешен, Андрулакис сепак бил следен од 21-ти декември 2021. Во овој период тој бил претставник во Европскиот парламент, што дополнително ја усложнува ситуација, пренесе AlJazeera.
Шпионскиот софтвер во април оваа година е откриен и на телефонот на грчкиот новинар Танасис Кукакис. Според извештајот неговиот телефон е „заразен“ откако добил персонализирана текст порака со компромитиран линк. Осомничен испраќач на пораката тогаш беше грчката тајна служба.
Грчкиот јавен обвинител веќе од претходно го разгледува случајот на неовластено следење. Претставници на владата тврдат дека не знаат кој управува со центрите за следење, но секако не се претставници на власта, ниту имаат нивно овластување.







