- Романскиот стартап .lumen развива иновативни очила во кои е интегрирана технологија за самоуправување и хаптичко водење.
- За поефикасно движење, очилата функционираат слично на куче-водич.
- Стартапот има мисија да ја зајакне независноста и пристапноста за лицата со оштетен вид.

Стартапот има за цел да го олесни секојдневното функционирање и движење на лицата со оштетен вид. Таквото нешто е овозможено од специјализирани очила кои, потпомогнати од вештачката интелигенција, интегрираат технологија за самостојно возење како би можеле да ги ги реплицираат основните функции на куче-водич.
Компанијата, основана во 2020 година од Корнел Амариеи, нуди скалабилно решение за еден глобален предизвик.
Иако кучињата-водичи се ефективни, сепак нивното тренирање чини некаде половина милијарда долари. На годишно ниво се тренираат само 2.000 кучиња, што не е доволно за да се излезе во пресрет на 300 милиони лица со оштетен вид ширум светот.
Како еден од ретките стартапи од Југоисточна Европа, .lumen привлече значително внимание со својата иновативна технологија на CES 2025 во Лас Вегас. Мотивацијата на Амариеи произлегува од длабоко лична врска: неколку членови од неговото семејство имаат попреченост, па така ова го има инспирирано претприемачот да создаде напредни алатки за лицата со оштетен вид.
Со седиште во Букурешт, .lumen се одликува со тим од инженери, професори, експерти за попреченост, дизајнери и научници, кои се на мисија да го направат движењето на лицата со оштетен вид побезбеднo и подостапно.

Напредна технологија со човечко влијание
Очилата .лумен се карактеризираат со хаптички интерфејс што ги ориентира и води корисниците низ безбедни зони за движење. Роберт Гут, раководител за навигација во .lumen, објаснува дека очилата создаваат виртуелна 3D и семантичка мапа на околината, идентификувајќи улици, тротоари и предмети.
„Системот е дизајниран за сложени надворешни средини, како што се паркови, железнички станици или големи плоштади. Се работи за многу подинамични локации, а не само предвидливи патеки кои се карактеристични за еден автономен автомобил. Во овие поставки, аудио повратните информации го надополнуваат хаптичкиот интерфејс. На пример, приближувањето до скалите или пешачкиот премин предизвикува аудио известувања кои го водат корисникот“, објаснува Гут.

Очилата се поврзуваат и со Google Maps, овозможувајќи им на корисниците да се движат по одредени претходно-зацртани маршути. Паралелно со ова, интегрирањето на оваа технологија дозволува и лоцирање одредени предмети како клупи.
Охрабрувачки резултати од глобалното тестирање
Повеќе од 300 слепи лица во речиси 30 земји ги тестирале очилата, со позитивни резултати, опишувајќи ги нивните први прошетки со овие очила како трансформативни.

„Денес видов како слепо лице се движи низ област со многу луѓе, едно добри петнаесетина минути. Лицето се наоѓаше во средина на постојано движење, помеѓу луѓе кои се судираат еден во друг. Сепак, лицето одеше слободно, без бел стап или некоја надворешна помош. Тоа прво искуство на вистинска независност донесе искрени солзи радосници“, споделува Гут.

Во јули 2024 година, .lumen обезбеди 4 милиони евра финансирање од Venture to Future Fund и Европскиот совет за иновации. По лансирањето со ограничена серија кон крајот на 2024 година, компанијата планира да се прошири на американскиот пазар во 2025 година. До крајот на 2026 година, .lumen има за цел да продаде 10.000 очила, правејќи ја нивната трансформативна технологија достапна за пошироката публика.







