Франција и официјално ја обвини руската воена разузнавачка служба (ГРУ) за серија сајбер-напади насочени кон земјата во изминатата деценија. Во овие напади се вклучени нападите врз организирањето на Олимписките игри во Париз во 2024 година и претседателската кампања на Емануел Макрон во 2017 година.
„Франција најстрого го осудува користењето на руската воено разузнавачка група APT28 за сајбер напади врз француските интереси.“, вели француското Министерство за надворешни работи.
Француското министерство за надворешни работи го обвини ГРУ дека од 2021 година таргетирал десетина француски организации. Во нападите се вклучени и одбранбениот, финансискиот и економскиот сектор, пишува France 24.
Министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро официјално за овие напади ги обвини ГРУ и нивната хакерска група APT28, позната и како „Fancy Bear“. APT28 се поврзува со бројни глобални сајбер-напади, вклучително и мешањето во американските претседателски избори во 2016 година.
Во 2017 година, оваа група извршила масивен напад за време на француските претседателски избори. Групата со цел да влијае на јавното мислење објавила илјадници украдени документи. За среќа обидот не успеа значително да влијае на изборниот процес. Сепак, француските власти предупредуваат на постојан ризик од мешање во идните избори.
Покрај политичките цели, цел на напади на APT28 биле и други француски организации. Цел на нападите се јавни служби, приватни компании и спортска организација поврзана со Олимписките игри во 2024 година. Медиумите исто така се честа цел на нивните напади. Ова беше случајот со хакирањето на TV5Monde во 2015 година, кога групата се претстави како Исламска држава.
„ГРУ врши сајбер-напади врз Франција веќе неколку години користејќи ги APT28.“, вели францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Франција не е единствената цел на APT28. Групата таргетира и партнери на Франција. Од почетокот на рускиот напад на Украина во 2022 година, Украина е еден од нивните приоритети.
Покрај Франција, загриженост за потенцијално руско мешање во претстојните претседателски избори преку сајбер-напади и дезинформации изрази и Полска. Франција најави дека ќе ги искористи сите расположливи средства за да го спречи и да одговори на малициозното однесување на Русија во онлајн просторот.
ГРУ (Главное разведывательное управление) е главната воена разузнавачка агенција на Генералштабот на Вооружените сили на Руската Федерација. Таа е една од трите главни руски разузнавачки служби, заедно со ФСБ (Федерална служба за безбедност) и СВР (Служба за надворешно разузнавање). ГРУ е позната по своите тајни операции и широкиот спектар на разузнавачки активности, вклучувајќи и онлајн војување.
APT28 (Advanced Persistent Threat 28), позната и како „STRONTIUM“, „Fancy Bear“, „Operation Pawn Storm“, „Sofacy“ и други имиња, е хакерска група за која се смета дека е поврзана со руската воена разузнавачка служба (ГРУ). Оваа група е активна од средината на 2000-тите и е позната по своите софистицирани и онлајн напади. Нејзини напади се влади, воени организации, политички кампањи и други цели од висок профил ширум светот. Нивните техники често вклучуваат фишинг напади, користење на софтверски пропусти и инсталирање на малициозен софтвер за долгорочен пристап до компромитирани системи.







