Ако по нешто ја паметиме далечната 2002 година, тоа е по Stronghold Crusader. Оваа феноменалнна стратегија остави неизбришлива трага и се истакна како напредна и крајно комплексна стратегија во реално време. Уникатната комбинација од симулација на градење замок и опсадни битки, сместена во периодот на крстоносните војни, собра легија од фанови и се наметна како освежителен продолжеток на оригиналната игра. Stronghold Crusader: Definitive Edition предизвика високи очекувања и беше замислено да биде како љубовно писмо до златното доба на стратешките игри. Но, дали успева да ем да го освежи класичното искуство за модерната публика, ем значително да го прошири со нова содржина и подобрувања?

Definitive Edition се темели на визуелна трансформација. Графичкиот изглед е целосно преработен – од корисничкиот интерфејс, преку моделите на единиците, до архитектурата на градбите. Сè изгледа поостро, почисто и поживописно, без притоа да се изгуби оригиналниот уметнички шарм. Клучна одлука на развојниот тим била да се задржи класичната 2.5D изометриска перспектива, само за да го сочуваат автентичното чувство на играње. Ова е одлична одлука затоа што доколку сте фанови на оригиналната игра, има да се чувствувате како да сте дома со римастерот.
Аудиото одделот, исто така, има доживеано значителна надградба. Музиката, компонирана од легендарниот Роберт Л. Еувино, е целосно ремастерирана, нудејќи ја истата мелозвучност, само во подобар квалитет. Дијалозите се исто така преснимени за да се постигне повисок квалитет, а новите единици и AI противници добија свои гласови кои органски се вклопуваат во атмосферата на играта. Навистина, доколку со години го играте оригиналот, римастеров ќе ви биде како мелем за душа.

Нови единици, противници и кампањи
Definitive Edition не е само козметичка надградба. Изданието воведува огромно количество нова содржина. Централно место заземаат осумте нови бедуински единици, кои додаваат свежа тактичка длабочина. Секоја единица има уникатна улога – од исцелителот кој лечи трупи на бојното поле, преку специјалната единица за заседи, па се до единицата која може да ги преполовува одбранбените ровови. Овие додатоци дополнително ја прошируваат стратешката длабочина, поплочувајќи пат за целосно нови борбени тактики на бојното поле.
Покрај новите единици, во играта се вклучени и четири нови AI противнички владетели, секој со уникатен стил на градење замоци и борбени тактики. За да се збогати искуството за еден играч, додадени се две нови историски кампањи, четири предизвикувачки патеки за престрелки наречени песочни времиња и, можеби најважно, целосно нов кооперативен режим со десет мисии, кој беше долгогодишно барање од фановите.

Модернизација
Firefly Studios посветија огромно внимание на барањата на заедницата, имплементирајќи низа подобрувања на QoL одделот. Најзначајни се техничките надградби: мапите сега можат да бидат четири пати поголеми, а лимитот на единици е зголемен на неверојатни 10.000, што овозможува битки од епски размери. Интеграцијата со Steam овозможува стабилен онлајн мултиплеер за осум играчи и поддршка за Steam Workshop, отворајќи ја вратата за бескрајна содржина креирана од заедницата.
Други клучни подобрувања вклучуваат опција за автоматска трговија со ресурси, што го олеснува економскиот менаџмент, и решавање на долгогодишната фрустрација каде што цела група се движеше со брзината на најбавната единица. Сега, секоја единица се движи со својата индивидуална брзина. Овие промени, иако можеби изгледаат мали, но значат многу бидејќи решаваат децениски долги главоболки.




Основните механики на градење, економија и борба се речиси недопрени. Како што напоменавме, ветераните веднаш ќе се почувствуваат како дома, бидејќи играта се игра идентично како оригиналот. Сепак, некои од старите проблеми, како pathfinding-от на единиците, сè уште се присутни. Понекогаш, единиците ќе се однесуваат несмасно или ќе напаѓаат ѕидови наместо непријатели. Ништо страшно, но знае да предизвика одредени фрустрации како помалку трпеливите гејмери.

Stronghold Crusader: Definitive Edition е извонреден пример за тоа како треба да се направи ремастер. Тоа е многу повеќе од обична визуелна надградба и се истакнува како сеопфатен пакет кој го почитува оригиналот, додека истовремено го проширува со значајни содржини и клучни модернизации. Визуелната преработка е прекрасна, новите единици и кампањи нудат десетици часови свежа забава, а подобрувањата на квалитетот на животот го прават играњето пофлуидно.
За ветераните, Stronghold Crusader: Definitive Edition е совршен повод за враќање во пустината, додека за новите играчи, играта се истакнува е најдобриот и најкомплетниот начин да се доживее еден од најголемите класици во историјата на стратешките игри.







