Минатата недела беше динамична во светот на технологијата. Google ги откри своите планови за конференцијата I/O фокусирана на вештачка интелигенција; Pebble најави враќање на пазарот со интересен полнач за нивните нови уреди. OnePlus изненади со мал телефон со огромна батерија, а Motorola претстави цела серија нови преклопни Razr телефони. Razer влезе на пазарот на ергономски глувчиња со својот прв вертикален модел, а Google разочара многумина во Европа со одлуката да престане со продажба на новите Nest термостати. За крај, Intel објави тешки вести за отпуштање на значителен дел од својата работна сила.
Google го претстави планот за Google I/O
Од февруари ја знаевме датата на која ќе се одржи Google I/O оваа година, а минатата недела Google ги објави и главните теми. Настанот е закажан за 20 и 21 мај, и ќе биде фокусиран на вештачката интелигенција. Покрај ова, ќе има простор и за Android, веб и клауд технологиите.
Конференцијата ќе се фокусира на напредокот во вештачката интелигенција, вклучувајќи ги можностите на Gemini и флексибилноста на Gemma отворените модели. За Android, акцентот е на создавање интелигентни апликации со помош на Google AI и зголемување на продуктивноста и креирање приспособливи кориснички искуства. За веб развој, ќе бидат претставени иновации во веб UI, напредокот на Baseline, нови мултимодални AI API базирани на Gemini Nano и како AI во DevTools го поедноставува создавањето иновативни веб искуства.

Онлајн преносот е на 20 и 21 мај, а сесиите и практичните работилници ќе бидат достапни на барање од 22 мај. Како и досега сите заинтересирани ќе може да го следат настанот во живо со почеток од 19 часот по македонско време.
Pebble паметниот часовник има неодолив полнач
Pebble се враќа на пазарот со новата серија „Core Devices“. Компанијата веќе ги претстави Core 2 Duo и Core Time 2. Основачот на Pebble и човекот зад Core Devices, Ерик Мигицовски, неодамна покажа на Twitter/X како ќе изгледа пакувањето на Core 2 Duo.
Интересно е што Core 2 Duo ќе го користи истиот конектор како и претходните модели на Pebble, но наместо посебен кабел, ќе има USB-C адаптер дизајниран од Nomad. Овој адаптер е веќе познат бидејќи Nomad го претстави пред неколку години, токму во времето кога Pebble престана со работа.
Core 2 Duo ќе биде достапен во мај, но поради актуелните царини, цената може да биде повисока од најавената, пишува 9to5google.
OnePlus 13T мал телефон со голема батерија
OnePlus неодамна го претстави својот најнов паметен телефон, 13T. Најинтересниот дел кај телефонот е огромната батерија од 6260mAh. Ова е батерија која има поголем капацитет од најскапите модели вклучувајќи ги iPhone 16 (3561mAh) и Samsung Galaxy S25 (4000mAh).
Капацитетот на батеријата е овозможен благодарение на нова технологија. Производителот користи напредна технологија на Si/C, која овозможува поголема густина на енергија во помал простор. И покрај тоа што има толку голема батерија, 6,32-инчниот OLED екран на 13T е само малку поголем од екраните на iPhone 16 и Galaxy S25. Очекувано, недостаток на големата батерија е тежината, па телефонот е потежок.
Во овој телефон OnePlus не го користи традиционалниот слајдер за известувања, по кој се препознатливи. На негово место, 13T има приспособливо shortcut-копче. Копчето може да се конфигурира за управување со јачината на звукот на известувањата, screenshot или некоја од AI-алатките.
Во однос на хардверот, OnePlus 13T доаѓа со Snapdragon 8 Elite. Доаѓа во конфигурации со до 16 GB RAM и 1 TB флеш диск. Задната камера има два сензори од 50 мегапиксели. Еден е главен објектив, а другиот 2x телефото објектив. За полнење, уредот поддржува 80W полнење преку кабел. Ова овозможува брзо полнење на големата батерија. OnePlus 13T не вклучува можност за безжично полнење.
Ако ви се допаѓа уредот, лоша вест е дека барем засега не е најавена продажба надвор од Кина. Продажбата во Кина започнува оваа недела со почетна цена од 466 американски долари.
Motorola претстави нови телефони
Motorola претстави три нови паметни телефони во Razr брендот. Телефоните се слични и доаѓаат со препознатливото преклопување како школка, но во зависност од хардверот, цените започнуваат од 700 американски долари, и се движат до 1300 долари кај најлуксузниот модел.
Razr Ultra, доаѓа за 1300 долари, и е најмоќниот модел во серијата. Доаѓа со Snapdragon 8 Elite чип, 16GB RAM и до 1TB складирање. Има двојна 50MP камера (главна и ултра-широка со макро функција) со 2x оптички зум. Батерија е до 4700 mAh со брзо 68W полнење на кабел, и 30W безжично полнење. Телефонот има и реверзибилно безжично полнење од 5W (може да полните други уреди од телефонот). Главниот 7-инчен OLED дисплеј има резолуција од 1224p и рефреш од 165Hz. Надворешниот pOLED екран е 4-инчен.

Razr Plus, чини 1000 американски долари. Телефонот доаѓа со Snapdragon 8s Gen 3 чип; 12GB RAM; и 256GB простор за складирање. Батеријата е 4000 mAh, а 6,9-инчниот OLED дисплеј има резолуција од 2640 x 1080 и рефреш од 165Hz. Двојната 50MP камера вклучува телефото објектив со 2x зум, но без ултра-широк сензор или макро режим.
Основниот и наевтин Razr модел е со цена од 700 долари, има MediaTek Dimensity 7400X чип, 8GB RAM и 256GB флешдиск. Доаѓа со 6,9-инчен OLED екран има FHD+ резолуција, и рефреш од 120Hz. Камерите се двојни 13MP. Во споредба со Plus моделот има поголема батерија од 4500 mAh.
Сите телефони доаѓаат со Moto AI Suite. Вештачката интелигенција вклучува функции како Image Studio за генерирање фотографии, Playlist Studio за креирање плејлисти на Amazon Music, Remember This за зачувување белешки и фотографии и алатка за снимање со транскрипција во живо. Претпродажбата започнува на 7 мај, а официјалната продажба на 15 мај, пишува Engadged.
| Спецификација | Razr Ultra | Razr Plus | Razr |
| Цена | $1300 | $1000 | $700 |
| Процесор | Snapdragon 8 Elite | Snapdragon 8s Gen 3 | MediaTek Dimensity 7400X |
| RAM | 16GB | 12GB | 8GB |
| Флешдиск | 512GB / 1TB | 256GB | 256GB |
| Дисплеј | 7-инчен 1224p 165Hz OLED | 6,9-инчен 2640 x 1080 165Hz OLED | 6,9-инчен FHD+ 120Hz OLED |
| Надворешен дисплеј | 4-инчен pOLED | – | – |
| Главна камера | Двојна 50MP (главна + ултра-широка/макро), 2x оптички зум | Двојна 50MP (главна + 2x телефото) | Двојна 13MP |
| Батерија | 4700 mAh | 4000 mAh | 4500 mAh |
Razer претстави ново, вертикално глувче
Минатата недела Razer претстави ново компјутерско глувче. Ова не е изненадување, но она што ја прави веста интересна е дека Pro Click V2 Vertical Edition е нивното прво вертикално глувче. Вертикалните глувчиња стануваат се попопуларни поради нивната удобност, особено за луѓе кои долго работат на компјутер. Заедно со вертикалното глувче Razer го претстави и Pro Click V2.
Pro Click V2 Vertical Edition е безжично глувче кое доаѓа со 8 програмабилни копчиња. Производителот ветува 6 месечна работа без потреба да се полнат батериите. Аголот под кој е навалено глувчето е 71,7 степени и има подлога на која лежи дланката за да нема триење. Цената по која ќе се продава моделот е 120 долари.

Основниот модел Pro Click V2 е 20 долари поевтин, а батериите треба да се „променат“ на секој три и пол месеци. Двете глувчиња се со препознатливото RGB осветлување помеѓу глувчето и подлогата.
Новите Nest термостати не патуваат за Европа
Google направи значителна, и непријатна промена во својата стратегија за Nest термостатите во Европа. Поради разновидните и „уникатни“ хардверски и софтверски барања во Европа, компанијата повеќе нема да продава нови Nest термостати во регионот. Nest Learning Thermostat од трета генерација и Nest Thermostat E ќе продолжат да се продаваат додека има залихи. Уредите барем засега и понатаму ќе ги добиваат безбедносните ажурирања.
Луѓето кои бараат нови термостати компатибилни со Google Home ќе треба да пронајдат алтернативи. Оваа одлука претставува поголемо отстапување за Google, оставајќи значителен број на потенцијални корисници без идни опции за Nest термостати од официјални продавници.

Како дополнително, непријатно проширување на оваа вест, Google го прекинува софтверот за поддршка за неколку постари Nest уреди. Поточно, Nest Learning Thermostats уредите од првата и втората генерација, вклучувајќи го и моделот од втора генерација објавен во Европа, повеќе нема да добиваат софтверски ажурирања и нема да се поврзуваат со апликацијата Google Home почнувајќи од 25 октомври 2025 година. Термостатите ќе продолжат да функционираат и рачните прилагодувања на температурата ќе останат можни. За жал овие постари термостати ќе ги изгубат своите „паметни“ способности по овој датум.
Како компензација, Google нуди попусти на засегнатите корисници. Во САД, корисниците можат да добијат 130 долари попуст на нов Nest Thermostat од четврта генерација, додека канадските клиенти ќе добијат попуст до 160 долари. За европските клиенти погодени од прекинувањето на софтверската поддршка, Гугл нуди 50 проценти попуст на Tado Smart Thermostat X.
Intel ќе отпушти 20 отсто од вработените
Минатата недела беше ужасна за Intel. Американскиот производител на чипови ги објави резултатите за првиот квартал од 2025 година, а новиот извршен директор, Лип-Бу Тан, ги потврди претходните извештаи дека Intel ќе отпушта вработени.
Веста за отпуштањата дојде откако Bloomberg објави дека Intel се подготвува да отпушти до 20% од својата моментална работна сила. Ова во моментов се околу 22000 вработени. Тан во имејл до вработените истакна дека сака Intel повторно да стане компанија фокусирана на инженерството за да може подобро да се натпреварува на пазарот на чипови и повторно да започне со иновации.
За да го постигне ова, компанијата ќе мора да ги намали постоечките трошоци. За жал намалувањето на трошоците ќе дојде преку отпуштања. Официјална потврда за бројот на отпуштени работници или процентот од работната сила засега нема. Сепак, директорот потврди дека отпуштањата ќе се случат во второто тримесечје од годината.
По објавувањето на резултатите за првото тримесечје на 2025 година, цената на акциите на Intel падна за околу 6,7% на нешто над 20 долари по акција. Иако инвеститорите некогаш гледаат на отпуштањата како позитивен знак за компанијата поради потенцијалните заштеди, разочарувачките прогнози на Intel за иднината повеќе ги загрижија. Компанијата прогнозираше приходи меѓу 11,2 и 12,4 милијарди долари, што е под просечната проценка на аналитичарите од 12,82 милијарди долари. Ова покажува дека напорите на Intel ќе потраат подолго од очекуваното. Речиси е извесно дека компанијата ќе ја пропушти можноста за искористување на бумот на вештачката интелигенција за поголема заработка.
До минатата недела, акциите на Intel беа меѓу ретките големи технолошки компании во Америка кои забележаа раст на годишно ниво. Со падот од речиси 7% во пред-пазарното тргување, нивниот годишен раст сега е речиси нула. На подолг временски период, перформансите на акциите на Intel се лоши, со пад од речиси 38% во изминатите 12 месеци и речиси 64% во изминатите пет години, пишува Fast Company.







