Не паметиме последен пат кога толку многу се забавувавме со една игра со аркадно „возење“ автомобили. Развојното студио Brinemedia прави одлична одлука да го размрда урнекот што го воспостави со претходните игри, Zombie Derby 1 и 2. Oвојпат, целосно се фокусира на користење најразлични возила за екстремно возење и правење луди акробации како да ќе нема утре!
Stunt Paradise се одликува со формула која е едноставна за разбирање, но тешка за совладување. Имено, вие не го контролирате правецот на автомобилот. Автомобилот се движи по претходно одредена патека, на вас е да давате гас за да оди напред или назат, како и да го навалувате за да се врти во воздух.
Првите неколку стази се едноставни и, обично се сведуваат на давање гас и уживање во спектаклот од бродови, авиони, хелихоптери и експлозии кои се случуваат околу вас. Но, подоцна, играта се здобива со еден вид Dark Souls тежина и потребно е да внимавате со која брзина се движите, како го навалувате автомобилот и во кој правец се движите. Накаде по 15-та стаза работите значително се комплицираат и потребни се брзи рефлекси, размислување од место, па дури и учење на мапите преку порази и соодветно прилагодување на тактиките.

Најновата игра на Brinemedia е вистински погодок и крајно забавна игра исполнета со адреналински предизвици и визуелни спектакли. Со 20 најразлични возила ќе можете да поминете низ 50 откачени нивоа кои покриваат најразлични локали – oд пустини, преку зашумени места, огромни метрополи и планини, па сѐ до вулкански или ледени предели. Се чини дека низ тие 50 стази, студиото се има потрудено да покрие буквално сѐ што е интересно и што одлично се вклопува за адреналинско и динамично изведување акробации со автомобили.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Brinemedia
- Издава: Brinemedia
- Жанр: платформер, возење
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 21 март 2024







