АMD потроши речиси 5 милијарди долари на ZT Systems, компанија која дизајнира инфраструктура за податочни центри. Ова е една од најголемите зделки на AMD кои вообичаено не трошат премногу пари на купување компании.
Компанијата ќе му помогне на AMD да биде поконкурентен не само кај податочните центри, туку и кај вештачката интелигенција. Со ова AMD ќе ја зајакне својата положба во однос на Intel, но и во однос на Nvidia која во моментов има најголем бенефит од брзиот развој на вештачката интелигенција. Со дополнителниот развој на технологијата за центри за податоци и компјутери во облакот, компанијата ќе се обиде да им ги понуди својот хардвер на Meta и Microsoft, за нивните податочни центри и инфраструктура.
ZT Systems е помалку позната, но влијателна компанија во индустријата за податочни центри. Основани се во 1994 година и специјализираат во дизајнирање и производство на сервери, полици за сервери и инфраструктура потребна за поставување и поврзување на чипови во гигантски центри за податоци. Нивната инфраструктура се користи и во центри за големи јазични модели како оној за ChatGPT, пишува Wall Street Journal. Компанијата има годишен приход од над 10 милијарди долари, што е импресивна бројка. За споредба приходите на AMD се нешто над 22 милијарди долари годишно. Сепак, AMD не е целосно заинтересиран за ZT Systems. Компанијата планира да го задржи во своја сопственост одделот за дизајн, а ќе го продадат одделот за производство штом договорот за купување е одобрен.
По сѐ изгледа фокусот на ова купување ќе биде вештачката интелигенција и развој и усовршување на огромни центри со илјадници чипови во кои се тренира вештачката интелигенција.
„Mи овозможува да им кажам дозволете ни да ви помогнеме да го изградите следниот тренинг кластер, и кажете ми што ви е најважно. Сега имам голем тим за дизајн кој ќе ви помогне да го направите тоа“, вели извршната директорка на AMD, Лиса Су.
AMD плати 4,9 милијарди долари во кеш и акции за ZT Systems, вклучувајќи и бонус од 400 милиони долари при исполнувањето на некои прагови. AMD очекува зделката официјално да биде потврдена во првата половина на 2025 година.
„Возбудени сме да се приклучиме на AMD и заедно да имаме уште поголема улога во дизајнирањето на инфраструктурата за вештачка интелигенција која ќе ја дефинира иднината на компјутерите. Речиси 30 години работиме на нашиот бизнис за да бидеме водечки провајдер на критична инфраструктура за компјутери и складишта за најголемите светски облак компании.“, вели Френк Жанг директор на ZT Systems.
ZT Systems значително ќе ги подобри можностите на AMD, обезбедувајќи напредна експертиза за дизајнирање системи која е клучна за оптимизирање на центрите за податоци за вештачка интелигенција и облак компјутери. Со прилагодените решенија на ZT, и нивното искуство во инфраструктурата за сервери, AMD ќе може да им понуди на своите клиенти комплетни системи со високи перформанси. Оваа аквизиција му овозможува на AMD директно да ѝ конкурира на Nvidia, нудејќи интегриран хардверски и системски дизајн кој ќе ја подобри ефикасноста при AI пресметки. Дополнително, експертизата на ZT Systems на пазарот на центри за податоци ќе влијае за поголема доверба и во AMD, со тоа компанијата ќе ја подобри својата положба во секторите за вештачка интелигенција и облак компјутери