0 коментари 3 мин. читање 1 март, 2024

Судот им нареди на NSO да го споделат кодот на шпионскиот софтвер Pegasus со WhatsApp

Во прилично изненадувачки развој на настаните Окружниот суд на САД за северниот округ на Калифорнија им нареди на израелските производители на шпионски софтвер – NSO, да го споделат кодот на Pegasus со WhatsApp.

Судијката Филис Хамилтон во спорот помеѓу NSO и WhatsApp од 2019 година процени дека популарната апликација за размена на текст пораки е во право. WhatsApp ги обвини NSO за напад врз барем 1400 нивни корисници во период од две недели. Одбраната на NSO е дека компанијата единствено го продавала софтверот на владини агенции. Ова сепак не помогна да се спасат од откривањето на кодот. NSO е под строг надзор на израелското министерство за одбрана. Компанијата не смее да го продава софтверот за шпионирање Pegasus без нивна дозвола.

Барањето на WhatsApp беше израелската компанија да ги испрати сите верзии на Pegasus во период од една година пред и една година по нападот. Ова се однесува на периодот од 29 април 2018 до 10 мај 2020, пишува Guardian.

Добра вест за производителот е дека компанијата не мораше да ја отвори листата на клиенти и да ја сподели и неа заедно со кодот. NSO успеа да ја задржи тајноста и на серверската архитектура.

Pegasus е супер моќен и софистициран шпионски софтвер. Овозможува следење на сите податоци на жртвите, од локација, до комуникација, практично без речиси никаква интеракција на корисникот. За нападите се користат повеќе 0-day пропусти. Откако е инсталиран работи неприметно.

Може да собира податоци од текст пораки, лозинки, да ги следи телефонските повици, податоци од апликациите, па дури и локацијата на корисникот.

Софтверот е достапен за iOS и Android. За прв пат е откриен во 2016  при следењето на активистот Ахмед Мансур. Низ годините растеа можностите на алатката, но NSO беа обвинувани дека го продаваат софтверот на држави со репресивен, недемократски режим.

Како последица на ова жртви на следење беа активисти, дисиденти, новинари, па дури и претседатели на држави.

Од ноември 2021 година, NSO е на црната листа на компании на администрацијата на САД.

Avatar photo
Напишано од

Дејан Соколоски

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top