0 коментари 4 мин. читање 24 ноември, 2024

Loco Motive е класична авантура со впечатлива приказна и интересни загатки

Во случај да сте фанови на класични point and click авантури, тогаш си должите себеси да го проверите најновиот продукт на Robust Games и Chucklefish. Како ретро-инспирирана авантура, Loco Motive се одликува до откачена приказна, ексцентрични ликови и предизвикувачки загатки. За што и да дојдете во играта, шансите се дека ќе ви се допадне престојот и ќе сакате да гостувате до самиот крај!

Во Loco Motive управувате три ликови: Дијана, Артур и Херман!

Луд мотив во смртоносна локомотива

Loco Motive ја започнувате со сведочење на мистериозно убиство. Како еден од главните осомничени за убиството на дамата Унтервалд, ќе имате за задача да го пронајдете вистинскиот убиец. Низ играта играте со три ликови, анализирајќи најразлични ситуации, разговарајќи со ликови и решавајќи загатки, надевајќи се дека некако убиецот ќе направи грешка и ќе престане да е секогаш еден чекор пред вас.

Управувањето во Loco Motive се изведува на два начини. Во зависност од тоа како на вас ви одговара, можете директно да го контролирате ликот, со што стапувате стапување на интеракција е преку „листање“ низ точките на интерес. Овој начин е задолжителен доколку се игра со контролер и навистина не е лош – врши работа. Но, ние, како стара гарда, повеќе уживавме во традиционалниот point-and-click начин. А, кога сме кај кликнување, играта се одликува со бројни точки за интерес, со што има да се изнаслушате монолози и дијалози колку ви душа сака. Водевме сметка да кликнуваме на буквално се што ќе забележиме – забавно беше да се слушаат размислувањата на ликовите.

Првиот лик со кој играте е адвокатот Артур, што би можеле да помислите дека е исклучително паметна личност. Арно ама, користи откачена логика за да се извлече од тесни ситуации. Имено, откако ќе остане сам заклучен во собата за испрашување, ќе реши да се ослободи така што ќе земе вентилатор и весник. Потоа ќе го намести весникот околу вентилаторот за да насочи силно струење од воздух кое ќе го турне капутот и клучевите од закачалката. Ете, ако не знаевте, така се бега од полициска станица. Шега на страна, студиото намерно осмислува откачени загатки кои бараат уште пооткачени решенија.

Иако бројните загатки лесно се решаваат преку едноставно експериментирање со сите точки на интерес или пак преку комбинирање одредени предмети кои ги наоѓате, некои знаат баш да ве замислат и да ве постават во мат позиција. За среќа, играта се одликува со корисен систем за навестување до кој доаѓате преку телефонирање и барање помош. Сево ова одлично се вклопува со ексцентричните ликови, хумористичниот дијалог и одличната презентација.

Незаборавно патување

Независно од кој аспект да ја анализирате, играта е освежителен коктел од внимателно одбрани состојки – веродостојна глума, релаксирачка, но разиграна музика (Пол Цимерман) и прекрасно-анимирана ретро графика. Толку се добро вклопени ликовите во деталниот свет да на моменти навистина заборававме дека се работи за графика со пиксели. Прекрасна игра која не потсети на многу интересни Who done it филмови. Дури и да не сте преголеми фанови на авантури, играва лесно би можела да ве вовлече со забавната нарација, симпатична графика и бројните откачени ситуации.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Robust Games
  • Издава: Chucklefish
  • Жанр: авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезе на: 21 ноември 2024
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top
{title}