Mirthwood, развиена од Bad Ridge Games и објавена од V Publishing, е RPG симулација која ве носи во извонредно детален средновековен свет. Бегајќи од континент зафатен од војна, вие пристигнувате во нова, непозната земја, каде што ви се нуди можност за сосема нов почеток. Во овој вошебен свет се поставува прашањето дали да изградите мирен дом, да се посветите на земјоделство и трговија, или пак ќе ги откопате ратните секири и ќе се фрлате од авантура во авантура?

Ваш живот, ваш пат
Во Mirthwood имате слобода за бројни начини на играње и посветување на работи кои вам најдобро ви „лежат“. Имено, како што напоменавме на почетокот, можете да управувате со сопствен имот, да градите фарма, да садите и жнеете култури и да одгледувате животни. Како што напредувате, така ги надградувате вашите објекти за да изработувате поквалитетни предмети и опрема. Оваа патека ви овозможува да изградите мирен живот за вашето семејство, тргувајќи со вашите производи од град до град. Нема ништо спектакуларно и доволно уникатно за да се истакне од другите слични игри, но она што го има е одлично осмислено, целосно способно да пружи часови и часови релаксирачка забава.
Светот на Mirthwood е целосно реализиран, со прекрасна, рачно нацртана графика, извонредни звучни ефекти и оригинална музичка подлога. Овој прекрасен коктел создаваат освежително длабока атмосфера. Отворениот свет се состои од шест различни региони и три уникатни градови, секој со свои тајни што чекаат да бидат откриени. Но, ова не е игра каде што ќе тече само мед и млеко – животот не е секогаш идиличен. Па така, принудени сте да се соочите со бури, сурови зими и болести. Ова се должи на квалитетно вметнатите survival-lite елементите кои додаваат доза на предизвик додека патувате низ овој маѓепсан свет.

Авантура и опасности во Bleakwood
Надвор од идиличното уживање, Mirthwood нуди робустен борбен систем во реално време. Без разлика дали преферирате меч или лак, ќе се соочите со широк спектар на непријатели. Секој од непријателите знае да понуди малку поразличен предизвик. Со понатамошно напредување, константно ќе размислувате и за вашиот билд. Покрај внимавање за какво оружје, оклопи и облека да користите, секое ниво, отвора можности за уникатна специјализација во зависност од избраната борбена класа.
Самиот екосистемот на играта овозможува органско создавање на приказни, дозволувајќи ви да се соочувате со нови ситуации и услови генерирани од живиот свет. Имено, со самото истражување на светот наидувате на динамични настани кои ве наградуваат со редок и епски плен, поплочувајќи го патот кон нови и незаборавни авантури.

Социјалниот аспект е исто така длабоко развиен. Преку систем за интеракција инспириран од The Sims, можете да запознавате и да се спријателите (или да ги навредувате) жителите на градовите и другите NPC карактери. Можете да воспоставите и развивате односи со кој било NPC, отклучувајќи нови социјални интеракции, па дури и уникатни квестови. Секој жител на слободните земји има свој живот и ги извршува своите дневни и ноќни активности во целосно симулиран свет.

Co-Op ажурирањето пристигна на 10 јули
Најголемата вест за фановите на Mirthwood, објавена за време на ClemmyGames’ Best Indie Games Summer Showcase 2025, е дека долгоочекуваното co-op ажурирање носи поддршка за локален co-op и Steam Remote Play, давајќи ви можност со заеднички сили да ја истражувате предизвикувачката територија.
Ажурирањето овозможува drop-in/drop-out локален мултиплеер, со динамичен систем на заедничка камера што се прилагодува на вашето истражување. Без разлика дали садите култури, се борите со разбојници или основате семејство, сега секој агол на Mirthwood може да го споделите со партнер. Вториот играч има целосен пристап до земјоделството, изработката, борбата, напредокот на вештините и јавањето. Вие и вашиот пријател ги задржувате вашите индивидуални инвентари, вештини и опрема, со беспрекорни транзиции помеѓу co-op и single-player режимите. Доколку сакате можете дури и да се венчате со вашиот co-op партнер и заедно да чувате дигитално детенце. Децата растат со текот на времето, наследуваат карактеристики од двајцата родители и на крајот стануваат возрасни NPC карактери кои тргнуваат по нивниот пат. Надвор од ова, тимот има поработено и на исправка на багови, воведување нови предмети и нудење пофлуидно искуство.

Со ова ажурирање, Mirthwood не само што го проширува своето веќе богато искуство, туку и ја зацврстува својата позиција како игра која нуди нешто за секого – без разлика дали сте градител, трговец, авантурист, или сега, партнер во една заедничка епска приказна.







