За Бил Гејтс не треба никакво посебно претставување. Иако е „пензиониран“ од Microsoft од 2008, основачот на Microsoft со децении е една од највлијателните личности во ИТ индустријата. Во 2020-та година потполно се повлече од Microsoft за да се посвети на филантропија и на фондацијата за добротворни цели. Оваа недела Гејтс објави прилично долго отворено писмо со наслов „Започна ерата на вештачката интелигенција“. Во текстот зборува за придобивките и можностите кои ќе ги донесе вештачката интелигенција во различни делови од светот.
Развојот на вештачката интелигенција е подеднакво важен како и создавањето на микропроцесорот, персоналниот компјутер, интернетот и мобилниот телефон. Ќе го промени начинот на кој луѓето работат, учат, патуваат, добиваат здравствена заштита и комуницираат едни со други. Цели индустрии ќе се преориентираат околу него. Бизнисите ќе се разликуваат по тоа колку добро го користат.
Гејтс пишува за различните потреби во регионите со различен развој. Во неразвиените региони вештачката интелигенција може да помогне со пристап до здравство, а во поразвиените региони може да помогне во образованието.

Светот треба да се погрижи сите – а не само добро ситуираните луѓе – да имаат придобивки од вештачката интелигенција. Владите и филантропијата ќе треба да обезбедат вештачката интелигенција да ја намали нееднаквоста, а не да придонесе за поголема нееднаквост. Ова е приоритет за мојата работа поврзана со вештачката интелигенција.
Во моментов вештачката интелигенција е исклучително моќна алатка, но не е изненадување дека истовремено е и страшна алатка. „Вештачката интелигенција отвора тешки прашања за работната сила, правниот систем, приватноста, пристрасноста и многу повеќе. Вештачката интелигенција прави и фактички грешки и доживува халуцинации“, додава Гејтс во текстот.
Покрај опасностите, придобивките на вештачката интелигенција се несомнени. Ќе овозможи автоматизација на дел од секојдневните задачи за кои луѓето не се клучни. Најголем дел од работниците ќе можат да имаат сопствен помошник кој ќе одговара на нивните барање. Дополнително, наместо задачите да се завршуваат во повеќе чекори со отворање на различен софтвер, корисникот ќе внесе барање, а вештачката интелигенција ќе ги заврши сите работи наеднаш.
Конечно, главниот начин на контролирање на компјутерот повеќе нема да биде покажување и кликнување или отворање на менија и полиња за дијалог. Наместо ова, ќе можете да напишете барање на обичен англиски јазик.
Вештачката интелигенција ќе промени добар дел од работните позиции и помалку е тешко да се поверува дека пазарот на трудот ќе остане непроменет. Веројатно ќе се појават нови позиции, иако прашање е дали и за нив вештачката интелигенција нема да виде посоодветна од луѓето работници. Некои од позициите за кои Гејтс верува дека нема да бидат заменети со вештачка интелигенција се образование, медицинска грижа и грижа за повозрасните лица.
Овие сектори денес немаат доволно работници кои би можеле да се посветат на луѓето во целост. Понатамошниот развој и поевтинување на тренирањето на вештачката интелигенција во иднина би можело да отвори простор за персонализирани планови за учениците, пациентите или лицата на кои им е потребна нега.
Вештачка интелигенција и здравјето
Една од работите кои значително може да им ја олесни работата на здравствените работници може да биде достапна за навистина кус период. Вештачката интелигенција ќе може да пополнува документација, здравствено осигурување, да пишува белешки. Со ова медицинските работници ќе имаат значително повеќе време за пациентите.

Бројот на потребни лекари веројатно не е доволен никаде. Во некои држави ова е и поизразено па некои луѓе никогаш не стигнуваат до лекарите. Автоматизирањето и тренирањето на вештачката интелигенција значително ќе го промени ова. Дел од ова веќе може да видиме. На пример, вештачката интелигенција само со слика може да дијагностицира рак на кожата. Пациентите преку апликација ќе испраќаат слика од бемката. Ако ВИ процени дека постои ризик бемката да е канцерогена ќе го повика пациентот. Во овој случај ќе се намали обемот на работата на дерматолозите, но ќе имаат повеќе време за ризичните пациенти.
За вистинска глобална употреба на вештачката интелигенција во медицината ќе биде потребен специфичен тренинг по региони.
Моделите на вештачка интелигенција што се користат во сиромашните земји ќе треба да бидат тренирани за различни болести отколку во богатите земји. Ќе треба да работат на различни јазици и да влијаат на различни предизвици, како пациентите кои живеат многу далеку од клиниките или не можат да си дозволат да престанат да работат ако се разболат.
Луѓето ќе треба да видат докази дека здравствената ВИ е корисна, иако нема да биде совршена и ќе прави грешки. ВИ треба да се тестира многу внимателно и правилно да се регулира, што значи дека ќе биде потребно подолго време за да се усвојат отколку во другите области. Од друга страна, и луѓето прават грешки… Немањето пристап до медицинска нега е подеднакво голем проблем.
Вештачка интелигенција во образованието
Како и во случајот со медицинските работници, не е никаква тајна дека нема доволно кадар ниту во образованието. Вештачката интелигенција може да помогне со креирање на персонализирани едукативни планови и проценки за тоа дали учениците го разбираат материјалот…
Мислам дека во следните 5 до 10 години, вештачката интелигенција конечно ќе го исполни ветувањето за револуција во начинот на кој луѓето предаваат и учат. Ќе ги знае вашите интереси и вашиот стил на учење за да може да прилагоди содржина што ќе ве држи заинтересирани. Ќе го процени вашето разбирање, ќе забележи кога губите интерес и ќе знае како да ве мотивира. Веднаш ќе даде повратни информации.
Постојат многу начини на кои вештачката интелигенција може да им помогне на наставниците и администраторите, вклучително и проценка на разбирањето на некој предмет од страна на ученикот и совети за планирање на кариерата. Наставниците веќе користат алатки како ChatGPT за да даваат коментари за пишувачките задачи на нивните ученици.







