Во морето на технолошки новости, особено внимание привлекува претстојната архитектура од AMD — Zen 6, со кодно име Magnus. Таа е наследник на моментално најновата AMD Zen 5 архитектура и е дизајнирана за постоечката AM5 (DDR5) платформа. Се очекува првите десктоп процесори базирани на Zen 6 да се појават на пазарот кон крајот на 2026 или почетокот на 2027 година.
Она што ја издвојува оваа архитектура е што, по повеќе од седум години, конечно ќе добиеме десктоп AMD процесори со повеќе од 16 јадра — поточно до 24 јадра, што претставува историски напредок на десктоп платформата на AMD.
Ретроспектива: Од Zen 1 до Zen 5
Почетоците на Ryzen: Револуцијата во 2017
Се до тој момент, до појавувањето на Zen (Ryzen 1000 серија), повеќејадрените процесори беа луксуз резервиран за скапи Intel Workstation решенија.
Во тој момент „обичните смртници“ добија можност да си дозволат моќна рендер станица и тоа за само третина од цената на дотогашното Intel Workstation решение. Овој потег драстично ја смени динамиката на пазарот и ја разбуди целата индустрија. Intel, кој повеќе од една деценија апсолутно доминираше на пазарот, повеќе не беше единствената опција — и тоа во речиси сите сегменти. Во својот летаргичен стил, не презеде навремени и конкретни чекори за да ја зачува својата водечка позиција. Конечно, по цели десет години, се појави вистинска конкуренција — и тоа од правец што не го очекуваше.
Замајан со успехот во минатото и закотвен во својата комфор-зона, Intel ја потцени заканата што ја носеше Zen и не ни претпостави што следи. Најпрво следеше Zen+ (Ryzen 2000 серија) — еволутивна и небитна надградба на Zen која повеќе имаше за цел да ја анимира хардвер-сцената додека AMD неуморно го спремаше наредниот и силен удар – Zen 2.
Zen 2: Воведување на чиплет дизајн

Со Zen 2 (Ryzen 3000 серијата), AMD направи голем технолошки чекор напред: имплементирање на чиплет дизајн, каде физички се одвоени CCD-ата (со јадра) од IOD (I/O чиплетот). Ryzen 3950X во 2019 донесе 16 јадра и големо подобрување во перформансите за продуктивност.
Од тогаш наваму, судбината на двете компании почна сукцесивно да се менува — но во спротивна насока. Денес, Intel и AMD се наоѓаат на позиции дијаметрално спротивни од оние пред една деценија. Intel, кој порано вредеше и до десет пати повеќе од AMD, денес заостанува — AMD сега има пазарна вредност речиси три пати поголема од Intel.
Во изминатата деценија, процесорите на AMD бележеа континуиран технолошки напредок и еволуција, додека Intel, како „заспана убавица“, беше затекнат во неповолна пазарна и економска ситуација. Компанијата постојано губеше удел на пазарот, правејќи чекори во погрешен правец, проследени со серија стратешки и технолошки грешки — некои од нив фатални и тешко поправливи. Од мноштвото ќе го издвоиме неславниот 10nm производствен процес кој од самиот зародиш беше ќорсокак. Инертниот и не-флексибилен „џин“ понесен од своите суетни принципи (сам си произведувам процесори) не изгуби само премногу пари и драгоцено време. Intel ја изгуби сета технолошка предност во однос на сите останати која стекна низ децениите и која стратешки ја ползуваше сето тоа време.
Без реална конкуренција се создаде нова реалност, каде AMD се најде во мошне комотна позиција држејќи ги конците в раце. Па слично како и Intel во времето кога немаше реална конкуренција го забави развојот на Zen и наместо со револуционерни чекори продолжи да го развива Zen во се помали и помали, контролирани итерации. Новите Zen 3, Zen 4 и Zen 5 производи носат дозирани подобрувања — онолку колку е минимално нужно за да го задржат интересот на пазарот. Слично како и Intel со 6-та, 7-ма, 8-ма, 9-та и 10-та генерација.
Zen 3 и Zen 4: Еволуција, не револуција

- Клучна измена на Zen 3 е тоа што ги спои двата 4 јадрени CCX-а со по 16MB L3 кеш секој во еден 8-јадрен CCX со еден заеднички 32MB L3 кеш. Ова како и долга листа на ситни подобрувања во микроархитектурата резултираше со значително зголемени перформанси во игри и софтвер кој користи повеќе од 4 јадра и кои интензивно комуницираат меѓу себе. Zen 3 има подршка за PCI-e 4.0 што неговите процесори ги прави сеуште актуелени во одредени сегменти.
- Листата на подобрувања на Zen 4 е скормна. Суштинска измена е транзицијата кон нова АМ5 платформа со DDR5 меморија. Од малкуте подобрувања во однос на Zen 3 ќе го издвоиме едноставното и интелегентно имплементирање на AVX-512 инструкциски сет, удвноениот L2 кеш, пософистицирниот производствен процес кој овозможи 10-15% повисоки работни фреквенции и PCI-e 5.0 подршка.
Zen 5: Козметичка надградба
Zen 5 не донесе значајни промени:
- Ист број на јадра како Zen 2/3/4
- Исти кеш мемории како Zen 2/3/4
- Слични фрекфенции како Zen 4
- Козметички подобрувања на микроархитектурата меѓу кои се издвојува 1T егзекуција на AVX512 инструкции
Се на се flagship-от на Zen 5 во однос flagship-от на Zen 4 донесе скормни 5% подобри перформанси при 10% помала потрошувачка на енергија, но повисоки работни температури.
Сепак, сликата станува малку поинаква кога се во прашање Ryzen X3D процесорите. Кај Zen 5, X3D L3 кешот е од т.н. втора генерација, и е поставен на долната страна на чиплетот. За разлика кај претходните генерации (Ryzen 5000/7000 X3D), X3D L3 кешот се наоѓа од горната страна врз CCD чиплетот кој го грее.
Оваа промена резултира со значително подобро ладење, што им овозможува на Ryzen 9000 X3D процесорите да постигнуваат повисоки работни фреквенции и подобра термална ефикасност. За разлика од Ryzen 5000/7000 X3D, новите Ryzen 9000 X3D модели се целосно отклучени за оверклок, што беше пресврт и позитивна вест за ентузијастите.
Ова ги прави Ryzen 9000 X3D моделите супериорен избор во однос на нивните non–X3D алтернативи во речиси сите сценарија — без вообичаените компромиси на кои беа навикнати X3D корисниците од претходните генерации.
TL;DR:
Од Zen 2 наваму, секоја нова архитектура — Zen 3, Zen 4 и Zen 5 — претставува умерена еволуција на претходната која носи умерени подобрувањата на перформансите:
- ✅ Ryzen 9 5950X донесе ~+20% перформанси во однос на Ryzen 9 3950X
- ✅ Ryzen 9 7950X додаде ~+30% во однос на Ryzen 9 5950X
- ✅ Ryzen 9 9950X има скромни ~+5% перформанси во однос на Ryzen 9 7950X
- ✅ Ryzen 9 9950X3D има ~+14% перформанси во однос на Ryzen 9 7950X3D
За споредба flagship-от на Zen 2, т.е. Ryzen 9 3950X е ~120% побрз во multicore софтвер во однос на flagship-от од својот претходник Ryzen 7 2700x со Zen+ архитектура.
Стапка на иновација: Дали AMD ја губи мотивацијата?
Со последните три Ryzen генерации(5000, 7000 и 9000), AMD позиционирана удобно без сериозна конкуренција, не чувствуваше потреба да прави драматични подобрувања со секој нареден Zen. Но, тоа не e така и за конкуренцијата која неуморно работи.
Intel има агресивни планови за да се врати
Иако се соочува со големи економски тешкотии, Intel работи на нови, поефикасни и поекономични архитектури, со јасна цел: да врати дел од изгубениот пазар и повторно да биде релевантен во сите сегменти.
AMD се свесни за ова и знаејќи колку крв пролеаа на патотот до врвот не би си дозволиле пасивност. Zen 6 ќе имплементира важни напредни технологии и решенија, а ќе биде произведен на најсофистицираниот технолошки процес до сега, а се со цел да се спротистави и да го неутрализира ударот што следи од Intel.
Zen 6: Детален Преглед на Архитектурните подобрувања
1. Поголеми CCX модули – 12 јадра по блок
Со Zen 6, CCX модулите ќе содржат 12 јадра наместо досегашните 8, со 48MB L3 кеш наместо досегашните 32МB L3 кеш. Ова драстично ќе ги подобри гејминг перформансите на non–X3D процесорите и ќе ги доближи до оние на X3D процесорите.
2. Интерпозер технологија – Револуција во комуникацијата меѓу чиплети

Најголемата промена е напуштањето на традиционалната IF комуникација преку пиновите од сокетот и водовите на матичната плоча. Наместо тоа, Zen 6 ќе користи interposer, што ќе овозможи директна, брза и енергетски ефикасна комуникација меѓу чиплетите слична како кај монолитските дизајни на процесори.
Бенефити од interposer:
- Драстично намалени времиња на пристап
- Драстично зголемен проток на податоци
- Многу помала потрошувачка на енергија
- Многу помала дисипација на топлина
3. Мемориска Поддршка: Два независни контролери
Еден од суштинските промени кои ќе ги донесе Zen 6 е замената на двоканалниот мемориски контролер со два едноканални мемориски контролери кои можат да бидат независни, што ќе овозможи:
- Поддршка за многу побрзи DDR5 EXPO 2.0 модули (8GHz+)
- Подобрена стабилност
- Поголема флексибилност и пропусен опсег
- Шпекулации за CU DIMM мемории на многу висока фреквенција
Сепак брзината од 8GHz+ ќе биде достапна само за EXPO 2.0 компатибилните матични плочи, односно наредната генерација на AM5 матични плочи со AMD 900 чипсет(X970/B950). Моментлните AM5 матични плочи со AMD 800 и 600 чипсет ќе бидат ограничени на 6400MHz што ќе биде нативно подржана брзина за Zen 6 процесорите.
4. Производствени процеси: последниот крик на технологијата
Zen 6 ќе користи најнапредни производствени процеси:
- CCD: TSMC 2nm (2NP)
- IOD: Втора генерација TSMC 3nm (3NP)
Во споредба со Zen 5 кој кристи прва генерација 3nm TSMC 3NE за CCD и 4nm TSMC 4NP за IOD, производствените процеси со кои ќе се изработува Zen 6:
- Зафаќаат многу помала површина за ист број на транзистори
- Имаат многу поголема енергетска ефикасност
- Постигнуваат многу повисоки работни фрекфенции
Според некои пресметки IOD на Zen 6 ќе зафаќа околу 155mm2, додека 12 јадрениот CCD околу 75mm2. За споредба IOD/CCD на Zen 5 зафаќаaт 122mm2/70.6mm2 респективно.
Се шпекулира и максимален boost до 7GHz, но дури и 6.5GHz би било реален и значаен напредок.
5. Подобрена микроархитектура
Микроархитектурата на Zen 6 е во основата Zen 5 со низа подобрувања и оптимизации меѓу кои:
- Подобрен front-end и instruction fetch
- Подобрено предвидување на гранки (branch prediction)
- Пообемна и подлабока Out-of-Order егзекуција
- 50% поголем 48kB L1 instruction кеш
- Зголемени и оптимизирани L2 и L3кешови
- Зголемен број на Load и Store единици
- Подобрен NPU (Neural Processing Unit) за AI задачи
Овие и други подобрувања според шпекулаците треба да донесат околу 10% повисок IPC (Instructions Per Cycle) во споредба со Zen 5.
Очекувани Перформанси на Zen 6
Single–core перформанси:
- +10% IPC
- +15% фрекфенција
➡️ Вкупно: 20–30% подобрување
Multi-core перформанси:
- +50% повеќе јадра
- +10% IPC
+15% повисока all-core фрекфенција
➡️ Од 50% до 90% подобрување

Заклучок: Zen 6 – Историски пресврт

Со Zen 6, AMD не само што ќе ја продолжи еволуцијата на Zen-архитектурата, туку конечно ќе направи и револуционерен чекор напред. Со сите технолошки подобрувања, надградби во архитектурата и „испечен“ на најсофистицираниот производствен процес досега, на Zen 6 му е судено да стане најголемиот генерациски скок во перформанси и ефикасност за AMD од појавата на Zen 2.
Без оглед на тоа што подготвува Intel, Zen 6 неминовно ќе биде референтна точка во хардверските дискусии што ќе се водат во наредната деценија.
Zen 6 е само логичен континуитет на она што AMD го гради последниве десет години. Некогаш, ни на памет не ни паѓаше дека едно „џуџе“ како AMD ќе успее да го победи „џинот“ Intel.
Жртвата стана предатор, а предаторот – жртва. Новото AMD стана стариот Intel, а новиот Intel – старото AMD.
Историјата нè учи дека никој не останува на врвот засекогаш. Но токму оваа борба – оваа постојана размена на улоги – е она што ја движи индустријата напред.
Сѐ додека постои дуелот меѓу AMD и Intel, најголеми победници ќе бидеме ние – крајните корисници. Ќе добиваме нови процесори со солидни подобрувања во перформансите, по се подобри цени.







