Оваа недела Nothing Phone прикажаа сопствена верзија на модуларен телефон. Иако супер интересен, новиот телефон е далеку од амбициозен. Станува збор за модул кој е едвај нешто повеќе од нова маска за телефон, но поради ограничените можности за персонализација и надградби на телефоните, се израдувавме и на оваа мала функционалност.
СMF Phone 1 има 6,7-инчен OLED екран, MediaTek 7300 процесор и батерија од 5000mAh. Она што е поинтересно се модулите кои доаѓаат за телефонот, како заден поклопец, новчаник или држач за телефон. Овие делови едноставно се монтираат на телефонот. Сепак СMF Phone 1 не е модуларен телефон кој го очекуваме кога ќе го слушнеме терминот.
За жал веќе некое време не се споменуваат модуларните уреди. Не само паметните телефони и таблет компјутери, туку и кај лаптопите нема многу што може да се замени. Кај голем дел од новите модели единствена компонента која може да се промени е дискот. Процесорот, батеријата, па дури и рамот доаѓаат залемени на плочата или во случај на батеријата добро залепени. Дури и за нешто што до пред само неколку години беше супер едноставно, како замена на батеријата на лаптоп, денес мора да се оди на сервис. Придобивките од ова се супер тенки уреди кои се отпорни на вода и полесни од било кога, но ова е на сметка на било каква можност за надградба. Често ако уредот се расипе е поедноставно корисниците да купат нов уред, отколку да го сервисираат.
Желбата за персонализација и сервисирање пред десетина години донесе идеи за нови модуларни паметни телефони. Иако се откажаа, Project Ara на Google беше еден од првите и најамбициозни планови за модуларни телефони.
Project Ara
Project Ara беше интересен концепт за телефон кој на корисниците требаше да им овозможи склопување паметен телефон каков што им е потребен.
Project Ara започна во 2013 година како проект на Motorola која во овој период беше дел од Google. Идејата беше сите телефони да имаат иста основа (плочка) на која ќе се додаваат различно модули. Модулите требаше да бидат различни. Некои ќе беа камери, други звучници, трети процесор, четврти меморија и диск.
Ова ќе овозможеше на секој да си креира телефон каков што му е потребен. На пример телефони со подобра камера и процесор или телефони со супер звучници и екран. Сѐ во зависност од потребите на корисниците.
За жал и покрај супер интересните прототипи Project Ara никогаш не доби верзија за пазарот. На крај, неколку години откако го најави, Google го откажа проектот.
Fairphone
Холандската компанија Fairphone е една од ретките кои и денес произведуваат модуларни телефони, иако фокусот на нивните уреди е повеќе на поправката отколку на персонализацијата. За замена на секој дел е потребни да се отшрафат неколку шрафчиња и потоа секој дел од телефонот е засебен модул кој лесно се менува.
Покрај лесниот сервис и поправките, Fairphone е фокусиран на долготрајноста и на заштитата на животната средина. Компанијата соработува со рудници на литиум кои користат помалку вода за копање на рудата. Дополнително, определбата за долготрајност е илустрирана и со изборот на процесор. Fairphone 5 на пример користи Qualcomm QCM6490 чип кој е наменет за интернет на нештата. Покрај солидните перформанси чипот има софтверска и безбедносна поддршка од 15 години.
Fairphone досега има неколку модели на телефони. Последниот Fairphone 5 е излезен во септември 2023 година.
Од сите модуларни телефони единствено Fairphone има успех во задржувањето на модуларниот дизајн, пред сѐ благодарение на етичкото производство и одржливоста на уредите.
LG G5
Таман пред Google да го прекине Project Ara, LG го претстави LG G5. Ова беше првиот модуларен телефон кој беше достапен во продажба.
Уредот имаше 5,4 инчен дисплеј со резолуција 1440х2560 пиксели; Snapdragon 820 чип; 4 GB RAM и 32 GB слободен простор. LG на телефонот му додаде двојна задна камера со 16MP и 8MP со широко-аголен објектив.
На излегувањето беа претставени и 2 модули: аудио модул изработен од Bang & Olufsen креиран за подобар звук и модул кој го претвора телефонот во апарат за сликање со физички копчиња за мануелен фокус и зумирање. Во вториот модул LG додаде и дополнителна батерија која за 40 отсто го зголемуваше капацитетот на батеријата.
За жал, и покрај пофалбите, ова беше прв и последен модуларен телефон на LG.
Moto Z
Во 2014 година Google ја продаде Motorola Mobility на Lenovo. Две години подоцна, во 2016 година, Motorola го престави Moto Z, својот прв модуларен паметен телефон.
За телефонот беше специфичен приклучокот на задната страна. Преку овој приклучок на Moto Z му се приклучуваа различни додатоци. Модулите не беа класични како на Project Ara туку повеќе наликуваа на оние кои ги престави LG.
Така во соработка со Hasselblad, Motorola изработи дополнителен модул за камера. Сепак далеку поимпресивен беше најавениот модул проектор кој го претвораше телефонот во домашно кино. Во соработка со JBL , Motorola произведе значително поголем звучник како модул.
За жал, ниту Motorola не продолжи со модуларните телефони.
PuzzlePhone
PuzzlePhone e концепт телефон направен од финската компанија Circular Devices. Телефонот беше поделен на три дела: „рбет“ (spine) тука се сместени екранот, слушалките и основната структура; срце (the Hearth) во кое е сместена батеријата и дополнителната електроника; мозок (the Brain) во кој беа сместени чипот и камерата.

Како и Fairphone, PuzzlePhone требаше да овозможи лесно и едноставно сервисирање со промена на компонентите. Заедно со Fairphone го споделуваа и концептот за долготрајност и одржливост на уредот. За жал PuzzlePhone не доживеа поширока комерцијална достапност.
Без преголем успех
Покрај интересниот концепт производителите на модуларни паметни телефони не успеаја да креираат телефон со кој купувачите нема да треба да направат некаков компромис. Најчесто овие телефони се поголеми и потешки од обичните, а и цената во однос на перформансите е повисока. Пресудна за купувачите на модуларните телефони е можноста за сервисирање, па најчесто корисниците на овие уреди најмногу ја ценат можноста за сервис.