Зошто да ја играте?
- Брза акција и забавни магии
- Различни непријатели и предизвикувачки босови
- Силни roguelike механики со впечатливи способности од привремен и траен карактер

Revenge of the Mage е игра која неодамна стана дел од раниот пристап на Steam. Она што го изделува чедото на развојниот тим SinginGiant од морето слични игри е шареноликиот дизајн на мапите, предизвикувачките непријатели, импресивните моќи, и квалитетните roguelike елементи. Како резултат, добивате запрепастувачки квалитетна игра која нема да ве чини ни 300 денари!

Сурова одмазда
Приказната, како што ќе видите и од долниот скриншот, дефинитивно не е главниот фокуст во играта…

… што и навистина не е лоша работа! Revenge of the Mage е замислена да понуди впечатлива доза во кратки дози, но преку експлозивна акција. Она што треба да запомните е дека треба да ги соберете семињата на корумпираните кристали за да може да го отворите порталот кој ќе ве одведе чекор-поблиску до вашиот ултимативен непријател!
Товарот на волшебниците
Во Revenge of the Mage имате примарна и секундарна, како и ултимативна способност. Можете да користите одредена опрема, карти, како и да се лизгате, скокате или пролетувате низ внимателно дизајнираните мапи. Можете да носите четири костими. Секој костим ви дава одредено множество од уникатни способности. На располагање ги имате следниве класи:
- Fire Mage
- Ice Mage
- Arcane Mage
- Lightning Mage

Од самите имиња веќе може да заклучите дека секоја од класите специјализира во одреден елемент, како огин, или лед. Иако класите нудат уникатно искуство, на почетокот можете да играте само со првата. Останатите се отклучуваат преку интимна дружба (читај: палење) на ордата од непријатели и собирање на валутата која ја оставаат.
Но, оваа драгоцена валута можете да ја користите и за отклучување трајни надградби, како повеќе здравје, почесто пролетување и избегнување напади, повисоко скокање, посилни критички удари, и слично. Се работи за стандардни roguelike механики кои се замислени етапно да ве прават подобри со секое наредно преигрување.

Како и да е, секој портал ве води во уникатен свет, давајќи ви за задача да издржите доволно долго како би можеле да ги елиминирате стандардните непријатели, како и босот кој е карактеристичен за областа.
Мора да признаеме дека првата област – Египет – многу не потсети на една од областите во Serious Sam, не само во поглед на дизајнот, туку и на големиот акцент кој се става на константното, брзо движење и напаѓање, овојпат со магии, а не со оружја.
Убивањето непријатели значи собирање искуствени поени и надградување. Секое надградување ви дозволува да изберете една од неколку понудени карти. Овие карти или отклучуваат нови способности или пак статистички ги зголемуваат постоечките за време на преигрувањето.
Акцијата е брза, флуидна и крајно забавна, принудувајќи не налудничаво да скокаме на сите страни и да користиме најразлични магии, темпирајќи нашите напади да покријат што е можно поголем круг од непријатели.

Мапите се внимателно осмислени, со бројни можности за забавно трчање, двојно скокање и борење. Иако не се премногу големи, рандомното појавување на здравје, штит и други засилувачи често ве охрабрува да ја покривате целата територија, а не да се задржувате само на едно место. Еднаш штом убиете доволно непријатели, ќе можете да ја повикнете и ѕвездата од мапата – босот!
Музиката е особено пријатна за слушање, будејќи чувство на магично средновековно доба каде границата помеѓу релаксирањето и акцијата е исклучително тенка.

Како втора игра на SinginGiant, на Revenge of the Mage ќе се работи од година-и-пол до две, што се одлични вести. Играта веќе изгледа и се игра феноменално и едвај чекаме да видиме како играта ќе се развива во иднина. Се планираат нови светови, непријатели босови, како и проширен арсенал од магии, надградби, и слично. Во случај да сте фанови на брза акција во прво лице, дефинитивно проверете ја и оваа игра.
Повеќе детали за играта
- Произведува: SinginGiant
- Издава: SinginGiant
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 16 јануари 2025