Gaucho and the Grassland: земјоделството на латиноамерикански начин

Gaucho and the Grassland е авантуристичка симулација која ве става во чизмите на Гаучо, латиноамерикански каубој. Чедото на Epopeia Games e замислено да ви дозволи да го истражите светот околу вас и да создадете похармонично место за живеење. За разлика од традиционалните игри во овој жанр, овде земјоделството е во втор план. Примарниот фокус е ставен на грижата за животните. Вашата задача е да изградите совршени засолништа за нив, да се грижите за нивните потреби и да ги размножувате, со што вашата фарма ќе стане побогата со ресурси и живот.

Создавање на вашиот свет и лик

Патувањето започнува со создавање на вашиот лик. Играта нуди солидна слобода при прилагодувањето, овозможувајќи ви да изберете помеѓу машки и женски лик и да менувате фризури, боја на кожа и облека. Покрај тоа, можете да изберете и каков коњ и милениче ќе ве придружуваат. Откако ќе го финализирате изгледот, краток разговор со духот на вашиот дедо ќе ве воведе во приказната и ќе ви ја даде првата листа на задачи.

Основата на играта лежи во собирањето ресурси како трева, камења и гранки. Овој процес е интуитивен и едноставен, а собраните материјали се клучни за изработка на алатки и градење на различни структури. Се разбира, за да создадете нешто, прво мора да го имате соодветниот рецепт или нацрт. Со првите алатки што ќе ги направите, како секира и чекан, ќе можете да пристапите до понапредни ресурси преку кршење на поголеми карпи и сечење на цели стебла. За брзо време, работите стануваат значително покомплицирани и светот отвора комплексни слоеви поврзани и со земјоделство и со градење и со истражување. За среќа, не мора да бидете сами.

Авантура со верни придружници

Во оваа авантура нема да бидете сами. Покрај вашиот верен коњ, кој е неопходен за истражување на пространите предели, тука е и вашето куче. Овој четириножен пријател има посебна способност да пронаоѓа закопани богатства, кои најчесто се ретки ресурси до кои не можете да дојдете на друг начин. Особено ни се допадна интеракцијата со животните. Не само со коњот и со кучето, туку и со останатите домашни животни за кои е потребно да им посветите време и енергија. Секоје од животните е внимателно осмислени и се одликува со преслатки анимации, особено во ситуации кога стапувате во интеракција со нив. За пофалба се и одредени мини игри кои се поврзани со јавањето на коњот. Пеш или на коњ, сами или со куче, крава или кокошка-две, истражувањето е забавно, а наградите се исполнителни.

Светот на играта е разновиден и ве повикува на истражување. Можете слободно да патувате низ различни биоми – од огромни пасишта и пријатни висорамнини, па сè до плажи, па дури и магичен свет. Динамичните временски услови и циклусот ден-ноќ додаваат уште еден слој на реализам и предизвик во вашите истражувања. Ликовите со кои се сретнувате секогаш се расположени да разменат збор-два, но и да ве замолат за одредена услуга. Во Gaucho and the Grassland не е важно само да се посветите на вашата фарма, туку и да помагате на локалното население.

Помош на заедницата и митските суштества

Интеракцијата со другите ликови е сржта на прогресот. Со помагање на локалните жители, ја зголемувате вашата харизма. Повисоката харизма отклучува нови патеки, ресурси и можности за развој на вашата фарма. Но, не застанува сè тука. Низ авантурата ќе се соочите со неверојатни мисии во кои ќе треба да ги спасите легендите од латиноамериканскиот фолклор. Овие мистични суштества и нивните приказни додаваат уникатен шарм и длабочина на целокупното искуство.

На крајот на денот, вашите тешко спечалени ресурси ги користите за градење импресивни домови. За да успеете во целта имате на располагање најразлични предмети кои, благодарение на инвентивниот систем за градење, едноставно се вклопуваат едни со други, особено проширувањето на куќата.

Gaucho and the Grassland нуди освежувачки поглед на жанрот, комбинирајќи ја грижата за животните со возбудлива авантура, истражување и богата приказна инспирирана од една фасцинантна култура. Ако барате релаксирачка, но и исполнета игра која ќе ве однесе во еден сосема нов свет, тогаш ова е вистинскиот избор за вас. Во случај и понатаму да не сте сигурни, дефинитивно барем проверете го бесплатното демо. Шансите се дека она што ќе го најдете таму, доволно ќе ви се допадне за да посегнете по паричникот и да се почестите со целосната верзија која е, моментно, 15% поевтина.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments