Неодамна фановите на Age of Mythology: Retold беа пријатно изненадени со нова пропусница која во наредната година дена ќе ја прошири играта со нови, значителни содржини. Како втора значајна пропусници, првото DLC ви доволува да истражувате нови стратешки длабочини и да применувате свежи тактички елементи во класичното искуство на RTS игрите.

Новото главно божество значително ја менува динамиката на боиштето, сервирајќи ви алатки кои директно влијаат врз самата природа и ресурсите на мапата.
Во центарот на првиот додаток од оваа пропусница е Деметра, заштитничката на земјоделието. Божицата ви дозволува ем да манипилирате со теренот ем да се посветувате на економска саботажа на противникот. Притоа, користите божествена моќ како сушење на одредена област, односно ефикасно уништување на фармите, дрвјата и грмушките. На вака создадената неплодна земја ништо не може да вирае одредено време, силно предизвикувајќи ја економијата и принудувајќи ги непријателите да бараат алтернативни извори или пак целосно да ги менуваат плановите за развој.

Покрај главното божество, додатокот воведува и три нови помали богови кои нудат различни патишта за технолошки и воен напредок:
- Пан доминира со тактичка контрола на мапата,
- Хестија обезбедува инфраструктурна стабилност и
- Персефона која нуди моќи поврзани со циклусот на животот и смртта.

Покрај трите помали богови, имате на располагање и импресивна низа на нови митски единици, меѓу кои дефинитивно се истакнуваат Харпите.
Во случај да сакате да навлезете во нов наратив, ќе ви се отвори ново митско сценарио кое ги следи хероите Хирон и Орфеј во нивната опасна мисија низ подземниот свет на Хад. Нивната главна цел е да ги вратат изгубените артефакти на Деметра за да ја обноват рамнотежата во опустошените земји кои ја почитуваат. Во кампањата ќе наидете и на одлична гласовна глума, како и мапа која се менува за да поубаво ги прикаже моќите на Деметра.
Од она што успејавме да видиме, моделите на новите единици се детално изработени, со анимации кои јасно ја рефлектираат нивната улога. Ефектите при користењето на божествените моќи, особено визуелната трансформација на плодната земја во пустелија, се исто така за пофалба, особено кога ќе избие целосен хаос на бојното поле.

Додатокот поврзан со Деметра се чини како да претставува солидно и значајно дополнување за Age of Mythology: Retold, особено уникатните механики кои на забавен начин ја уништуваат противничката економија. Во случај да сте фанови на основната игра и да копнеете по нови содржини, како нова приказна и и колекција од нови единици тогаш не е лошо да ја земете неодамна излезената пропусница во предвид.








