Во 2017 година, студиото Playtonic, составено од клучни девелопери зад легендарните наслови како Banjo-Kazooie и Donkey Kong Country, се обиде да го оживее духот на носталгичните 3D платформери со Yooka-Laylee. Сега, со Yooka-Replaylee, студиото нуди целосно реимагинирање на оригиналното искуство, исправувајќи ги недостатоците и издигнувајќи ја авантурата на целосно ново ниво. Дали ваквата темелна обнова целосно го исполнува потенцијалот на оригиналната визија?

Приказната во Yooka-Replaylee е раскажана на сосема нов начин, вдахнувајќи нова свежина дури и за оние кои се запознаени со оригиналот. Динамичното дуо (Јука и Лејли) останува непроменето, но овојпат започнувате мисија да ги спасите страниците на една магична книга од канџите на алчниот корпоративен негативец, Capital B. До тука претпоставуваме дека работите ви се познати. Меѓутоа, наместо стандардна презентација, наративот сега се одвива преку стилизирана форма на книга со приказни. Овој пристап им има овозможено на авторите да ја раскажат авантурата со нови детали и секвенци, создавајќи впечаток дека Јука и Лејли се навраќаат на нивните најголеми авантури, додавајќи хумористични и разубавени коментари. Како резултат, добивате поангажирачка приказната поангажмантна и зајакнето чувство каде што секој нов свет е како ново поглавје во епска бајка.

Yooka-Replaylee се одликува со забавни механики на движење и прекрасен, воодушевувачки дизајн на светови. Целокупниот сет на движења на Јука и Лејли е значително преработен и подобрен. Контролите се поостри, попрецизни и овозможуваат поизразен стил на играње благодарение на новите комбинации и потези. Благодарение на ова, добивате непречено и флуидно движење низ преубави светови. Имено, световите не само што се визуелно подобрени, туку се и проширени со нови области, а предизвиците се целосно редизајнирани или заменети. Бројот на страници што треба да се соберат е двојно зголемен, достигнувајќи импресивни 300. За да се спречи фрустрацијата од губење во огромните нивоа, воведени се нови алатки за навигација, како што е бележникот на авантуристот и можноста за брзо патување. Воведена е и нова валута, Q.U.I.D.S., која се користи за купување на подобрувања или совети. Секој додатоко е особено ценет и паметно интегриран во играта.

Графички, играта го задржува својот препознатлив, живописен и цртан стил, но со значителни технички подобрувања. Текстурите се со повисока резолуција, осветлувањето е понапредно, а целокупната слика е почиста и подетална, што придонесува фантастичните светови да изгледаат уште помагично. Оригиналната звучна подлога, пак, компонирана од легендите Дејвид Вајс (Donkey Kong Country) и Грант Киркоп (Banjo-Kazooie), е целосно преаранжирана и изведена од симфониски оркестар. Оваа промена и дава на музиката епска димензија и емоционална длабочина што го издигнува целото искуство неколку степени повисоко.

Покрај главната авантура, Yooka-Replaylee нуди и значителна количина на дополнителна содржина како мини-игрите на Рекстро. Овојпат, добивате можност да го контролирате самиот Рекстро во негова сопствена изометриска платформерска игра, нудејќи поинаков тип на предизвик и вредни награди. Системот на тоници е исто така унапреден, овозможувајќи ви да опремате повеќе подобрувања истовремено. Овие тоници нудат различни модификации на играњето, од зголемена издржливост до промени во визуелниот стил, со што можете да го приспособите искуството според сопствените преференции. Доколку сакате козметички додатоци, симпатичната машина за продавање, Венди, нуди нова линија на облека и додатоци за Јука и Лејли.

Yooka-Replaylee не е само подобрена верзија на игра од 2017 година, туку е целосно остварување на ветувањето што Playtonic го даде на почетокот. Претставува триумф на дизајнот преку итерација, каде што секој аспект од играта е внимателно анализиран и унапреден врз основа на повратните информации од заедницата. Оваа игра е топло препорачана за сите љубители на класичните 3D платформери и се истакнува како модерна интерпретација на златната ера на жанрот. Доколку барате шармантна, богата со содржина и пред сè, исклучително забавна авантура во која ќе се изгубите со часови, Yooka-Replaylee е наслов кој апсолутно го заслужува вашето внимание.








