Напредни методи за потсетување и активирање одредени акции со if this than that, отклучување телефони и препознавање лица и предмети во фотографии и видеа со комплексни AI алгоритми, автоматско паметење стотици крајно комплексни лозинки преку само една апликација, како и феноменални уреди за преведување бројни јазици. Имајќи го сево ова на рака и спремно за инстантна гратификација, едноставно мора да се запрашате дали модерниот човек има потреба да негува аспирации за супер меморија. За повеќето ситуации на писмена форма на изразување, многумина не се малтретираат со учење зборови на некој странски јазик на памет, туку посегнуваат по алатки како Google Translate; дури и при усна комуникација има напредни алатки кои го снимаат изговореното на, да кажеме, англиски, а компјутерски глас го кажува истото на, пример, кинески. Би можеле да пробате да паметите пин, но зошто да се оптеретувате со таква тривијалност кога многу телефони автоматски ви даваат пристап преку препознавање лице (ова, меѓутоа, не доаѓа без одредени безбедносни ризици). За учење јазици имате Duolingo, за бројни факти имате Wikipedia, за социјализација и паметење лица имате Facebook, но што доколку се најдете во ситуација каде не можете или не сакате да се потпрете на технологијата?
„Што повеќе учиме, толку повеќе знаеме. Што повеќе знаеме, толку повеќе забораваме. Што повеќе забораваме, толку помалку знаме. Зошто тогаш да учиме?“
Според едно истражување, неодамна објавено во Neuron, истражувачите откриле дека оние кои имаат супер меморија немаат кој-знае-колку поголеми церебрални региони кои им дозволуваат да апсорбираат и задржуваат бројни информации. Во суштина, нивните мозочни структури се исти како и кај сите нас! За потребите на истражувањето се споредувале снимки на мозок на 23 шампиони во меморија со 23 нормални луѓе од иста возраст, пол, и IQ. Под шампиони во меморија се мисли на 23 луѓе кои се нашле во топ 50 во шампионатот на светско паметење (World Memory Championship). Она што научниците пронашле кај ваквите шампиони било тоа што регионите кои биле поврзани со визуелно и просторно учење и регионите поврзани со паметење се осветлувале според одреденa шема. Кај мозоците на нормалните луѓе, овие региони се активирале поразлично. Ваквото осветлување или активирање, што и да значи тоа, е особено важно затоа што ние учиме така што гледаме, а што повеќе гледаме толку подобро паметиме. Според истражувањето, ваквите луѓе со супер меморија ја имаат усовршено методата за конвертирање работи кои сакаат да ги запомнат, како броеви, лица, карти, апстрактни форми, во слики кои ги „гледаат“ со нивното внатрешно око. Процесот се нарекува градење на палата од сеќавања.
Неколку трикови можат да ви ги подарат клучевите до таквата палата и да го направата вашиот престој во неа вреден за паметење.
Како да паметите нови зборови?
Сакате да импресионирате некого така што ќе се изразите на повисок стил, но саканиот збор никако не ви текнува и беспомошно мора да се задоволите со нешто што најчесто се користи и не ве поставува во елитата? За време на едно истражување, група ученици учеле листа со зборови во две одделни сесии. Некои ги учеле зборовите во мала, пренатрупана соба, а некои во простор со два прозорци и огледало. Една група од ученици ги поминала и двете сесии во една иста соба, а другата првин во едната, а потоа во другата. За време на тестот, кој бил даден во трета просторија, учениците кои учеле зборови во повеќе места успеале да се поминат подобро за 53% од учениците кои учеле во само една соба. Дополнителни истражувања покажале и дека на паметењето помагаат и други аспекти на вашата околина, како дел од денот, музиката во позадината, како и дали седите, односно стоите. Целата теорија се заснова на тоа дека вашиот мозок ги прилепува зборовите со контекстот кој ве опкружува и на што повеќе контекстуални индиции сте изложени, тоа подобро мозокот може да биде активиран за да проба да ги запамети.
Како да создавате и паметите паметни пинови?
За создавање пинови многумина одат или со одредена година, односно дата која им значи нешто на нив, или со комбинација која е лесна за брзо внесување со палецот, како 3966. Во вакви ситуации, крадците точно знаат како да го извлечат пинот така што интимно ќе се запознаат со вашата историја преку социјалните мрежи или пак ќе ги испробаат најчесто користените комбинации. Доминик Обрајан е еден од претходно споменатите шампиони во WMC настанот и тој советува на напишете реченица од четири зборови, да ги изброите буквите во секој збор и тој пин да го искористите.
Многу сум си паметен. PIN: 5 3 2 7. Многу има 5 букви, сум има 3, си има 2, а паметен има 7.
Како да паметите факти и статистички информации?
Сезонското учење е катастрофално лошо и не е правилниот начин за паметење работи. За да паметите било каква статистичка информации или одредени факти потребно е да се поминува низ материјалот низ подолг период на времето. Таквата стратегија е значително поефикасна од студентската пракса која диктира да се научи што повеќе за што пократко време. Психологот Херман Ебингауст открил дека можел да научи листа од бесмислени зборови така што ќе ги повтори 68 пати во еден ден и уште 7 пати пред тестирањето кое било наредниот ден. Но, тој успеал да научи ист број зборови подеднакво добро така што ги повторувал по 38 пати за време на три дена. Со ова се занимавал психологот уште во 1885 година. Едно значително поново истражување покажува дека доколку вашиот испит е за недела дена, најдобро е да учите денес, а потоа дури за ден или два. Ако испитот е за месец дена, тогаш најдобро е да се учи денес, а потоа да се чека недела дена пред втората сесија. Во случај испитот да е за три месеци, тогаш се препорачува да се учи денес, па втората сесија да стапи на сила дури по три недели. Што повеќе имате време до испитот тоа поголем треба да е интервалот помеѓу првата и втората сесија за учење. Нормално, многу работи зависат и од обемот и комплексноста на материјалот, како и формите на учење кои се применуваат. Како и да е, се има забележано дека оние кои учат и денот пред испитот подобро поминуваат.
Како да научите нов јазик?
Читањето е подеднакво важно како и слушањето, а жонглирањето и на двете топки се строго советува. Во еден универзитет во Порто Рикo, 137 ученици биле поделени во две групи. Мајчиниот јазик на учениците им бил шпански, а тие, за потребите на тестирањето, учеле англиски. Во времетраење од осум недели, едната група читала книга на англиски, но паралелно со читањето учениците ја слушале и аудио верзијата на истата книга; учениците од другата група, меѓутоа, само ја читале книгата во себе. Секоја недела, сите ученици биле писмено тестирани. Сите од оние кои ја читале и слушале книгата освоиле многу повеќе поени од сите оние кои само во себе си ја читале книгата. Имајте во предвид дека првата група била подобра во сите осум квизови.
Како да не го изгубите разумот?
Така што ќе се фокусирате на работи што ги сакате и ќе уживате во нив до максимум. Вознемиреност во каква било форма е непријател број еден, а фрустрациите кои произлегуваат не се тука за да ви помогнат да запаметите нешто, туку за да се замерите со некого, да искршите садови, да се удрите во маса, да скубете коса и да го преколнувате денот кога решивте да ја започнете таквата авантура. Но, авантурата не би се викала авантура без предизвици. И без еуфоричното чувство на исполнетост и гордост кога ќе се најдете на крајот на патувањето. И кога ќе погледнете зад вас и ќе се присетите на изминатиот пат, на научените работи и на постигнатите успеси. Токму тука лежи убавината на паметењето и ветувањето за побогата иднина.