Хардвер од минатата недела Project Digits, Nintendo Switch 2, Threadripper 9000

во Хардвер

По завршувањето на CES 2025 очекувано има помалку хардвер, но за среќа има доволно нов хардвер за да нe ни биде здодевно. Од најавата на Samsung за следните телефони, до Nintendo Switch 2, неофицијални бенчмарк тестови на Nvidia 5090 картичките, до Threadripper 9000 процесори.

Project Digits: Персонален AI суперкомпјутер

Еден од поинтересните уреди претставени на CES 2025 во Лас Вегас кој го пропуштивме е Project Digits од Nvidia. Станува збор за персонален AI суперкомпјутер кој овозможува користење на најновата Grace Blackwell хардверска платформа во компактно издание.

„Ова е облак платформа која седи на вашата маса… Дури може да биде и работна станица,“ вели Џенсен Хуанг, додавајќи дека уредот ја користи целата Nvidia AI софтверска инфраструктура.

Дизајниран е за AI истражувачи, научници за податоци и студенти. Project Digits го користи новиот GB10 Grace Blackwell Superchip, кој овозможува до петафлоп пресметковна моќ за креирање, уредување и извршување на AI модели. Според Nvidia, еден уред може да поддржи модели до 200 милијарди параметри, што е значаен напредок во полето на вештачката интелигенција.

GB10 чипот е развиен во соработка со MediaTek, вклучува Nvidia Blackwell GPU и 20-јадрен Grace CPU. Комбиниран со 128GB меморија и до 4TB SSD, уредот е создаден за максимална продуктивност и лесно поврзување со Windows или Mac компјутери.

Иако Nvidia спомена студенти, со цена од 3000 долари, тешко е да се поверува дека тие ќе бидат примарни корисници. Project Digits ќе биде достапен од мај 2025 година.

Цената без сомневање нема да помогне за популарноста на уредот, но Хуанг е убеден дека пазарот постои:

„Со Project Digits, Grace Blackwell Superchip доаѓа до милиони развивачи. Ова е моќен чекор напред, кој им овозможува на AI научниците и истражувачите да ја креираат новата ера на вештачката интелигенција.“

Samsung Galaxy S25 Unpacked закажан за 22 јануари

Samsung го закажа својот прв Galaxy Unpacked настан оваа година за среда, 22 јануари. Како и претходните години целиот настан ќе може да се следи и онлајн. Според досега протечени информации и претходните искуства, очекуваме Samsung да претстави нова линија Galaxy S25 телефони, вклучувајќи ги тука и Ultra, Plus и стандардниот модел.

Хардверот зад новите уреди вклучува Qualcomm Snapdragon 8 Elite чип, незабележителен редизајн и нови, освежени бои. Она што е поинтересно е дека Samsung официјално потврди дека ќе биде презентирана и надградената верзија на One UI 7 оперативниот систем, која беше најавена на развојниот настан минатата година. Овој систем ветува револуција во корисничкото искуство.

Како и кај останатите производители, и кај Samsung вештачката интелигенција Galaxy AI ќе има централно место. Не е најавено, но би можеле да се појават новости за уредите за проширена реалност Project Moohan и останатите преносни уреди.

Настанот ќе започне во 19:00 часот по македонско време, и ќе биде достапен за гледање на Samsung.com, на Samsung Newsroom, како и на YouTube.

Nintendo Switch 2: Првата генерациска надградба за популарната конзола

Nintendo конечно и официјално го претстави Switch 2, долгоочекуваното продолжение на својата најуспешна рачна конзола. Најавата дојде како краток трејлер на 16 јануари. Новиот уред ја задржува препознатливата форма, но нуди поголем екран и магнетни Joy-Con контролери. Најдобриот дел е најавата дека и новата конзола ќе биде компатибилна со игрите од оригиналниот Switch. Ова е одлична вест за долгогодишните корисници.

Switch 2 го задржува и приклучокот за слушалки, што сигурно ќе ги израдува гејмерите. Сепак, најголемата мистерија останува: спецификациите, батеријата и игрите кои ќе бидат достапни на конзолата на стартот.

Најавена е и турнеја „Switch 2 Experience“ за рани тестирања. Започнува во Њујорк и Париз од 3 до 6 април, а потоа продолжува низ други локации. Релевантните детали за регистрација веќе се достапни на официјалната страница на Nintendo.

Иако повеќето одговори ќе ги добиеме за време на Nintendo Direct на 2 април, трејлерот сугерира дека Switch 2 ќе го поддржува целиот каталог од оригиналниот Switch. Датумот за излегување за жал останува мистерија, но непотврдени податоци сугерираат на јуни. До тогаш, фановите можат да се подготват за следниот чекор на Nintendo.

По два паднати дрона Amazon ја паузира доставата

Два дрона од новата генерација на Amazon, MK30, се урнаа на тест локацијата во Орегон. Еден од дроновите дури и се запалил по падот. Причината за падот е софтверски проблем кој се активирал при лесен дожд. Компанијата потврди дека комерцијалните испораки во Тексас и Аризона се ставени на пауза.

„Во моментов сме во процес на правење софтверски надградби на дронот и доброволно ќе ги паузираме нашите комерцијални операции.“, вели портпаролот на Amazon Сем Стивенсон, за Bloomberg.

Додека ажурирањето не биде комплетирано и одобрено од Федералната администрација за авијација (FAA), дроновите нема да се вратат на небото. Сепак, вработените во погодените локации ќе продолжат со работа како и досега.

Несреќите на Amazon во тестовите не се изолирани. Пред неколку месеци, два дрона се судриле за време на тестови. Стивенсон објаснува дека ваквите инциденти се очекувани и дека помагаат во зголемување на безбедноста.

Amazon од 2022 година успешно доставува пакети во Тексас, а во 2023 година ја прошири услугата за испорака на лекови.

Иднината на дроновите како дел од логистиката не е во прашање, и иновацијата продолжува. Веројатно Amazon ќе мора повторно да ја покаже безбедноста на својата технологија пред регулаторите и потрошувачите.

Nvidia RTX 5090 и 5090D: побрзи, но не и револуционерни

Првите тестови на новите графички картички RTX 5090 и RTX 5090D од Nvidia покажува дека тие се за 36–40% побрзи од нивните претходници, но сепак нема да бидат револуционерни. Информациите доаѓаат од база на податоци на Blender. Она што е интересно е дека тестовите се достапни, иако картичките сè уште не се официјално во продажба.

Image by Nvidia

Податоците откриваат дека RTX 5090 и RTX 5090D користеле различни верзии на Blender, 3.6.0 и 4.3.0, што веројатно покажува дека резултатите доаѓаат од различни компјутери. RTX 5090D е ексклузивно достапна во Кина. RTX 5090 не може легално да се извезува таму, што не олеснува да дознаеме од каде доаѓаат тестовите, пишува Tom’s Hardware.

Резултатите покажуваат дека RTX 5090 е 36% побрза (медијана) од RTX 4090, а RTX 5090D ја надминува RTX 4090D за 40%. Бројките се ограничени со малиот примерок и можат да бидат неточни. За споредба, RTX 4090 беше речиси двојно побрза од RTX 3090, што ги прави новите подобрувања неимпресивни.

Главниот фактор за овие резултати може да биде архитектурата на новата серија, која додава само 33% повеќе CUDA јадра во однос на RTX 4090. Nvidia веќе објасни дека вештачката интелигенција ќе биде клучна за перформансите на RTX 5070, па веројатно може да очекуваме ова да е точно и за RTX 5090.

На кратко, ако резултатите се точни, новите картички ќе донесат зголемување на перформансите, но не и револуција. RTX 50 серијата можеби ќе ја дефинираат напредни технологии, но не и моќта што љубителите на хардвер ја очекуваа.

Шведска развива „паметен“ рој дронови – едeн војник може да контролира стотина

Воениот арсенал на Шведска добива надградба како од научно фантастичен филм. Шведската армија, во соработка со Saab – компанијата позната по автомобилите, но и по борбените авиони Gripen – го разви првиот рој на дронови што може да ги контролира само еден оператор. Системот, кој од обични комерцијални дронови прави автономни воени машини, е развиен за само една година и ќе биде тестиран на воената вежба Arctic Strike во март.

Оваа технологија е одговор на лекциите научени од војната во Украина. Генералот Џони Линдфорс, шеф на шведската армија, истакнува дека традиционалниот пристап со големи залихи дронови е застарен. „Технологијата се менува пребрзо,“ вели тој, нагласувајќи дека софтверот на системот овозможува постојани ажурирања за нови потреби, па дури и за додавање на борбени способности.

Најинтересно е тоа што ројот може самостојно да ја менува својата мисија – од извидување, до потенцијални напади – без потреба од пилоти со специјални вештини. Дроновите можат да се вратат на полнење кога ќе се испразни батеријата, што ги прави идеални за долготрајни операции.

Она што е најимпресивно е дека за користење на системот не се потребни специјални дронови туку може да се користи и со комерцијално достапни дронови. Шведскиот министер за одбрана, Пол Понсон, објаснува дека ова е клучен чекор за обезбедување на „квалитативна предност“ пред потенцијални непријатели со поголема бројност.

„Шведска мора да биде способна да се соочи со противник кој е квантитативно супериорен“, рече шведскиот министер за одбрана Пал Понсон. „Мораме да имаме квалитативна предност“.

Шведската армија се подготвува да ја претстави оваа технологија пред владата како модел за идни проекти.

AMD се подготвува за новата ера: 32 и 64-јадрени Threadripper 9000 процесори

AMD се подготвува да претстави 32 и 64-јадрени процесори со TDP од 350W. Процесорите ќе се користат во напредни работни станици и HEDT платформи. Ова секако е надградба на последната серија на Threadripper процесорите.

Серијата Threadripper 9000 ќе ја донесе моќта на Zen 5 архитектурата, која ветува значително подобрување на перформансите по јадро. Спецификациите откриваат дека чиповите ќе вклучуваат 16 до 96 јадра, со 32MB L3 кеш по CCD. Тоа значи дека 64-јадрениот модел би имал 256MB L3 кеш, додека најмоќниот, 96-јадрен, ќе достигне до 384MB.

Image by AMD

Според спецификациите новиот процесор е најавен со SP6 сокет, кој се користи за EPYC серверите, сепак Threadripper 9000 ќе биде компатибилен со sTR5 матичните плочи, што значи лесен премин за постоечките корисници на TRX50 и WRX90 платформи. Покрај тоа, се очекува поддршка за PCIe 5.0, што ја гарантира иднината на поврзување со најновите компоненти, пишува Tom’s Hardware.

Овие чудовишта од процесори, според шпекулациите, би можеле да дебитираат до крајот на годината. Ако AMD ги исполни ветувањата, Zen 5 архитектурата би можела значително да го редефинира пазарот и за ентузијастите и за професионалците.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk