
Како resource management игра, Let’s School ви дозволува да направите училиште, да го пополните со ученици и наставници, да го надгледувате образовниот процес, правилно да ги мотивирате сите што се вклучени во образовниот процес и да се гордеете со постигнатиот успех. Или да потикнете целосна анархија и хаос од епски пропорции!

Учи учи, глава бучи!
Да се управува со училиште воопшто не е лесно, нити во вистинскиот живот, а нити во играта на Pathea – студиото најдобро позната по шармантната My Time at Portia! Како ново-назначен директор, го „досредувате“ училиштето што сте го наследите и започнувате со целосна реорганизација. Можете да кршите и поставувате ѕидови како би создале училници, лаборатории, канцеларии и други корисни работни простори.
Потоа, ги пополнувате истите со соодветни предмети кои се карактеристични за секое училиште; почнувајќи со табла, клупи и столчиња, движејќи се преку инвентари за хигиена, па сè до безбедносни мерки. Запоставување на механики кои се клучни за едно училиште знае да резултира со урнебесни ситуации. Не ни верувате? Осмелете се да не поставите тоалети за учениците!

Работите почнуваат релативно лесно: откако ќе направите барем една училница, собирате ученици од заедницата и веќе наредниот ден вие, во комбинација со уште еден друг наставник, започнувате со држење часови. Потребно е да ги организирате часовите на тој начин да учениците впијат доволно знаење за да го положат испитот кој е планиран на крајот од неделата.
Во моментот кога го разберете концептот, можеле да започнете со внимателна експанзија. Велиме внимателна затоа што работите многу лесно можат да излезат од контрола, особено доколку вработувате несоодветен наставен кадар или пак не се справувате со дисциплината на вашите ученици. Имено, одредени наставници знаат да се исклучително расејани, па и да ја злоупотребуваат нивната позиција, лесно „фаќајќи кривини“ и работејќи се само не едуцирање на децата.
Од друга страна, палавите деца се како магнет за несреќи, користејќи секоја можна прилика на одморите да направат нешто што не би требало (како качување на високо место и танцување како да ќе нема утре!).

Градење подобра иднина
Let’s School има еден од најинвентивни и најлесни концепти за градење. Засновајќи се на принципот влечи и пушти, основната форма на училницата ја добивате за секунда, а потоа останува правилно да ја пополните со инвентарот кој, на почетокот, е ограничен, но како поминува време и како организирате вработени да истражуваат и отклучуваат нови работи. Со дел од инвентарот сите засегнати стапуваат во најразлични интеракции, а друг дел има повеќе козметичка функција и е замислен да го крене рејтингот на училиштето.

Паралелно со истражувања поврзани за отклучување инвентар, можете да истражувате за подобри услови на учениците и наставниот кадар, се со цел да се овозможат подобри часови или да се овозможи добро-битие на сите инволвирани. Тука е и надградба на наставниците, како истите би станале подобри во нивната работа. Играта крие многу комплексни механики, но во ниеден момент не се чувствувате како да се премногу и да не можете да искочите на крај со нив. Чедото на Pathea Games ве води полека и никогаш не ви фрла повеќе од она со што не можете да се справите.
Симпатичната low poly графика би можела да остави впечаток на неозбилна симулација, но ние бевме задоволни од ваквата уметничка одлука, особено доколку дозволите работите да излезат од контрола и да видите како работите можат да појдат наопаку. Во духот на графиката, музичката подлога е весела и доволно интересна за да се вклопи и да допринесе за шармантна имерзија каде светот околу вас е во константно движење!

Двете страни на паричката
Ултимативната цел во Let’s School е да изградите огромно училиште кое може да се пофали со квалитетен наставен кадар од кој произлегуваат интелектуални умови спремни за огромни работи! Откако ќе ја подмачката машинеријата, Let’s School станува празник за очи и импресивна глетка од стотици и стотици ученици кои одат на часови, користат одмори и навлегуваат во најразлични социјални интеракции. Нормално, доколку сакате, можете свесно да донесувате одредени одлуки и да осмислите училиште од пеколот, каде вашите потчинети се дел од еден исклучително злобен експеримент, а вие се што сакате е да го видите светот како гори (го погледнавте горниот трелеј, нели?).

Независно од тоа како директор сакате да бидете, Let’s School е длабока и забавна симулација со огромна вредност на преигрување и гејмплеј механики од кои се цедат бројни можности за креативно градење и управување со ресурси!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Pathea Games
- Издава: Pathea Games, PM Studios, inc.
- Жанр: Стратегија, симулација, градење
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 27 јули 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 8
- Приказна: 7
- Гејмплеј: 9
- Графика: 8
- Звук и музика: 8







