Доналд Трамп викендов ја најави првата стратегиска крипто-резерва на САД, предизвикувајќи бурни реакции во крипто-заедницата. Она што беше веднаш забележано е дека во првата објава немаше ниту збор за биткоин и етереум. Само еден час подоцна, Трамп ја исправи ситуацијата со објава во која потврди дека „BTC и ETH ќе бидат срцето на резервата“.
Во серија објави на неговата социјална мрежа Truth Social, претседателот на САД, Доналд Трамп, го претстави првиот концепт за формирање на стратегиска крипто-резерва на државата. Првично, во резервата беа вклучени XRP, Solana (SOL) и Cardano (ADA). По низа реакции, додаде дека и Bitcoin (BTC) и Ethereum (ETH) ќе бидат составен дел од оваа иницијатива.
BREAKING: 🇺🇸 President Trump snatches defeat from the jaws of victory — announces he's creating a "Crypto Strategic Reserve", without mention of Bitcoin. pic.twitter.com/Tpl0zdOd7G
— Swan (@Swan) March 2, 2025
„Американската крипто резерва ќе ја подигне оваа важна индустрија по години на коруптивни напади од страна на администрацијата на Бајден, поради што мојата Извршна наредба за дигитални средства и налага на претседателската работна група да продолжи со крипто-стратешката резерва која вклучува XRP, SOL и ADA.
Ќе се погрижам САД да бидат крипто главен град на светот. Ја правиме АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА!“
Скок на крипто-валутите
Одлуката доаѓа по извршната наредба што Трамп ја издаде во јануари. Со наредбата се формираше работна група задолжена за разгледување на крипто-регулативите. Една од точките беше и „можноста за создавање и одржување на национален дигитален фонд“.
Очекувано објавата веднаш предизвика скок на цените на XRP, SOL и ADA. За само два часа вредноста на ADA порасна за повеќе од 63%, SOL за 23%, а XRP за 32%. Дополнително, оваа одлука наиде на одобрување од водечки инвеститори во крипто-просторот, вклучувајќи го и Дејвид Сакс, советникот за криптовалути и вештачка интелигенција во Белата куќа, пишува Coindesk.
President Trump has announced a Crypto Strategic Reserve consisting of Bitcoin and other top cryptocurrencies. This is consistent with his week-one E.O. 14178. President Trump is keeping his promise to make the U.S. the “Crypto Capital of the World.” More to come at the Summit.
— David Sacks (@davidsacks47) March 2, 2025
Освен крипто-резерва, Трамп потпиша и наредба за формирање на американски суверен фонд, кој потенцијално би можел да се користи за купување на TikTok, јави TechCrunch.
Што следува?
Моменталната американска политика кон криптовалутите веќе доведе до значајни промени во регулаторниот пристап на САД. Комисијата за хартии од вредност (SEC) ја отфрли тужбата против Coinbase и официјално прогласи дека мемекоините не се хартии од вредност и не треба да се регулираат.
Иако крипто-резервата сè уште е само концепт, Белата куќа најави самит со индустриски и владини претставници за дооформување на планот.