Вештачка интелигенција: Одлична година, но во 2017-та треба да се реши машинското разбирање на човековиот јазик

[sharify]

Вештачката интелигенција е еден од клучните зборови кога би се направил word cloud за ИТ индустријата во 2016-та… која вест на темава во 2016-та те импресионираше?


За мене најголема вест, т.е. достигнување, во 2016-та на полето на вештачката интелигенција е победата на AlphaGO врз еден од најдобрите играчи на GO. Овој момент се очекуваше да дојде многу подоцна но сепак се докажа дека алгоритмите за reinforcement learning и deep learning, како и хардверот врз кои се извршуваат, се доволно моќни за решавање и на вакви, да не речам, милениумски проблеми.

Кои се твоите очекувања за развојот на вештачката интелигенција како посебен сегмент во 2017-та? Дали мислиш дека AI во 2017-та ќе стане неизбежен дел од нашето секојдневие или за тоа е потребно повеќе време од една година?


Со оглед на тоа дека моменталната состојба на развој на вештачката интелигенција е до степен да ги решава скоро сите проблеми кои може да ги реши човек размислувајќи помалку од една секунда, како што се визуелно препознавање на објекти, препознавање на аудио (човеков говор), машинско преведување од еден на друг природен јазик, и многу други, очекувам море од апликации, поготово за тие области.

Во суштина се очекува дека секоја активност каде човекот има голема продуктивност, што значи дека строго е прецизирано што треба да се сработи и има мал процент на грешка доколку се следат процедурите, дека ќе биде извршувана од машина. Парадоксално, единствени активности што ќе ни останат да ги извршуваме се тие каде немаме висока продуктивност и постои голема веројатност за неуспех, како што се научните истражувања, уметноста, некои сектори од менаџментот, итн.

Во 2017, а и во следните години, најтежок и актуелен проблем да се реши ќе биде машинско разбирање на човековиот јазик. Зборувам за вистинко разбирање на концептите и врските помеѓу нив. Тоа ќе овозможи машините да го искористат знаењето запишано во милионите книги создавано стотици години од луѓето, за решавање на тековните и идните проблеми, како и за компјутерски интерфејси со природен човечки јазик.

Автономни возила управувани од вештачка интелигенција… ги очекуваш да бидат комерцијално достапни во 2017-та или не?


Не би можел да предвидам дали во 2017 ќе имаме комерцијални возила управивани од AI кои самостојно ќе возат по америчките, европските и кинеските улици, но мое предвидување е дека сигурно ќе бидат одобрени во следните 3 години. Очекувам дека поголем проблем ќе биде легислативата за овозможување на овие возила, одколку технологијата која ќе ги управува. Иако очекувам дека дури 80-90% од сообраќајните несреќи ќе бидат спречени со користење на овие технологии, сепак неколкуте несреќи предизвикани како последица на машинска грешка би предизвикале застој во одобрувањето на овие возила.

Колку сме блиску до создавање на генерална вештачка интелигенција?


Општиот термин вештачка интелигенција вообичаено се користи за опис на, скоро именувана, fake artificial intelligence. Тоа е машина која извршува задачи со квалитет ист и подобар од човечко ниво, но истата таа машина е тотално неспособна да изврши било која друга работа. На пример, иако AlphaGO го победи Ли Сидол во играта GO, истиот тој софтвер е тотално неспособен дури и да повлече легален потег во шах, или најдобриот софтвер за препознавање на лица, нема никакво познавање за тоа дека млекото е течно, небото е сино, како да најде најкраток пат од Берлин до Москва, итн. Значи постојат многу специјализирани алгоритми за специјални проблеми, и се успешни, поусшешни и од најдобриот човек кој би ја извршувал таа работа, но се уште не постои алгоритам кој ќе има супер-човечки перформанси во повеќе домени. Дали ќе стигнеме до тоа, ДА, а кога, не би можел да предвидам. Сега се наоѓаме во турбилентен период кога се случуваат многу промени, така што оваа транзиција од човечка кон машинска цивилизација, не би знаел колку ќе трае.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: