ТехнологииШто да очекуваме во ИТ во 2018-та година

[sharify]

Годинава беше доста интересна во светот на технологиите. Се објавија многу нови концепти, алатки и библиотеки, овозможувајќи им на софтверските инженери и претприемачите нови можности за креирање нови продукти во наредните години. 2018-та ќе е уште повозбудлива, со многу подобрувања во веќе постоечките области, но и веројатно во некои нови. Да видиме што ќе биде актуелно и што може да очекуваме во наредната година.

Проширена реалност

Минатата година, околу 1.7 милијарди долари биле инвестирани во технологии поврзани со проширена реалност (augmented reality). И тоа е само почеток. Се очекува во наредните неколку години, ова да биде индустрија вредна 120 милијарди долари.

Она што е многу примамливо околу проширената реалност е дека не наоѓа примена само во игрите, како виртуелната реалност. Проширената реалност е достапна и преку мобилните уреди и преку специјални уреди како Hololens на Microsoft. Проширената реалност се очекува да биде користена во секојдневниот живот. Има вистински кориснички сценарија кои ќе им помогнат на луѓето со секојдневните проблеми, почнувајќи од декорирањето на вашиот дом со одличната Ikea Place апликација. Оваа технологија може да се користи во онлајн купувањето, туризмот, медицината, сервисните индустрии и на многу други места.

И големите компании го следат овој тренд, па така и Apple и Google оваа година ги објавија своите библиотеки ARKit и ARCore, кои ќе им овозможат на програмерите многу полесно да развиваат апликации од областа на проширената реалност. 2018-та ќе е многу важна година за овие технологии и се очекуваат многу иновативни продукти.

Конверзациски интерфејси

Конверзациските интерфејси нудат полесен и поприроден начин луѓето да комуницираат со нивните уреди. Дали луѓето ќе ги користат? Тоа е главното прашање. Многу од луѓето се чувствуваат чудно додека одат и зборуваат со своите виртуелни асистенти. Неодамнешно истражување покажало дека 98% од испитаниците пробале да ја користат Сири (виртуелниот асистент на iPhone), но само 3% од нив ја користеле во јавност. Причината за ова е дека тие се чувствувале неудобно да зборуваат со својот телефон во јавност. Но, кога не се опкружени со други луѓе, како на пример, во своите автомобили или дома, луѓето сепак ги користат виртуелните асистенти.

Со развојот на паметниот дом и Интернетот на Нештата (Internet of Things), конверзациските интерфејси се попотребни од било кога. На пример, ако за да го згаснеме светлото во нашата соба, треба да станеме од нашиот кревет, многу полесна опција би ни било само да кажеме “исклучи го светлото”.
Конверзациски интерфејси можат да се користат и на многу други места, како на пример, купување на продукти во супермаркет. Со гласовни команди, многу лесно може да креираме листа на работи што треба да ги купиме. Кога ќе го купиме соодветниот артикл, само треба да му кажеме на нашиот телефон да го маркира тој продукт како купен.

Друго место каде овие технологии би се користеле се бизнисите за техничка поддршка. Луѓето знаат да поставуваат многу слични прашања кога се јавуваат за техничка поддршка, што го прави воведувањето на чат-ботови добро решение, барем како филтер за стандардните прашања. Ако ботот не може сам да ги реши проблемите, тогаш човечкиот фактор може да се вклучи во наредната фаза.

Овие технологии ќе се користат и во сервисни индустрии. Замислете луѓе кои проверуваат машини, возови или било кој уред или машина која може да е оштетена. Тие треба само да кажат нешто како “тука прозорецот е оштетен” и виртуелниот асистент тоа може да го запише и прати на серверите, заедно со локацијата на дефектот. Овој пристап ќе работи одлично со технологиите за проширена реалност.

Има многу платформи кои може да се користат од програмерите за да се овозможат конверзациски интерфејси или чатботови во апликациите. Амазон го има Лекс, Facebook го има Wit.ai, Google го купи Dialogflow, IBM го креираше Watson. Ќе биде интересно да се види како луѓето ќе ги прифаќаат конверзациските интерфејси во наредните години. Интересна иницијатива има Netcetera со jargon.mk, кој ќе ја направи анализата на говор на македонски јазик многу полесна.

Машинско учење

Машинското учење ќе е актуелна тема и во наредните години. Корисниците секогаш очекуваат нивните апликации да се паметни и да се прилагодуваат на нивните желби. Изминатава година, доста популарна тема беше филтирањето на содржините што се објавуваат на интернет. Има многу лажни вести што се објавуваат на социјалните медиуми и затоа креирањето на автоматизирани решенија кои ќе ги отстрануваат ваквите вести ќе биде предизвик во наредните години.

Машинското учење станува доста популарно и на мобилните телефони. Оваа година, беа објавени две многу важни технологии за машинско учење на мобилните телефони. Прво, Apple ја објави Core ML, која овозможува лесно конвертирање на модели за машинско учење во формат кој лесно може потоа да се користи во iOS апликации. Со тоа, програмерите не мора да ги знаат сите детали за машинско учење, за да можат да ги направат нивните апликации попаметни.

Втората важна технологија која беше објавена е TensorFlow Lite. TensorFlow е популарен open-source framework за машинско учење од Google. Апликациите кои ќе користат TensorFlow Lite ќе бидат помали со подобри перформанси, за разлика од директното користење на TensorFlow за мобилни апликации.

Со овие две технологии, може да се очекува голем дел од машинското учење да се прави на уредите, со што ќе се намалат инфраструктурните трошоци и ќе им се овозможи на апликациите да бидат паметни и без интернет конекција.

Машинското учење, исто како претходните години, сѐ уште ќе биде многу важно и ќе се подобрува во многу области, како шопинг, пресметување на ризици, препораки, деловно разузнавање и слично.

Полесно автентицирање

Сајбер безбедностa секогаш ќе е важна тема во информациските технологии. Изминатава година, имаше доста иновации на ова поле, Face ID на Apple меѓу другите. Face ID и Touch ID ја насочуваат индустријата кон биометриско автентицирање на корисниците. Тоа е поприродно и полесно за корисниците, бидејќи наместо да пишуваат долги лозинки, можат едноставно само да го покажат своето лице, да го допрат екранот со нивните прсти или да го користат својот глас за системот да може да ги верификува.

Има компании како BehavioSec, кои го анализираат начинот на кој корисниците ги држат своите телефони и начинот на кој пишуваат на тастатура. Користејќи машинско учење на големи количини на податоци, кои се собираат додека корисниците ги користат апликациите, ваквите системи се способни да одредат (со одредена веројатност), дали тоа е вистинскиот корисник кој сака да пристапи на системот. Ако податоците се различни од стандардните, тоа може да биде индикатор дека напаѓач се обидува да го нападне системот.

Во иднина, веројатно комбинација од овие методи ќе се користи за да се автентицираат корисниците пред системите, во зависност од нивото на сигурност кое е потребно. Наоѓањето на вистинскиот баланс меѓу доволна безбедност и леснотија на автентицирање ќе е голем предизвик и во наредните години.

Иновативни плаќања

Многу работи се случуваат во индустријата за плаќање. Пред неколку недели, Apple го објави Apple Pay Cash, со што испраќањето и примањето пари ќе стане многу полесно. Со оваа технологија, може да се префрлаат пари директно од вашата банкарска сметка до Apple Wallet и обратно. Испраќањето пари е многу едноставно, или преку iMessage апликацијата или преку Siri. Концептот на праќање пари преку messaging апликациите ќе биде доста актуелен и во иднина, посебно преку Facebook Messenger.

Apple Pay сеуште не е достапен во многу држави, отворајќи простор за многу други иновативни дигитални паричници. Се очекуваат многу нови апликации кои ќе користат NFC или Bluetooth Low energy за плаќање.

Blockchain

Технологијата која е вистински хит во моментов, Blockchain, ќе продолжи да внесува новини во речиси сите индустрии кои зависат од посредници. Нејзината најпопуларна имплементација, Bitcoin, веќе почна да го тресе финансискиот свет. Blockchain во иднина ќе се користи и во јавните сервиси, гласањето, недвижностите, здравството, осигурувањето, купувањето, образованието и многу други индустрии. Главната идеја на Blockchain, да креира единствен извор на вистина, кој ќе е дистрибуиран меѓу многу различни ентитети, кои не си веруваат меѓу себе, отвора многу можности за креирање иновативни технологии, кои ќе ги променат нашите животи.

Останува да видиме како ќе се развиваат овие технологии во иднина и какви нови продукти ќе ни донесат. Секако, има и многу други теми кои се популарни и кои ќе се развиваат во иднина. Информациските технологии се менуваат многу брзо, водејќи нé кон константно учење и подобрување.


WeTalkIT

Текст на Мартин Митревски

We Talk It е неформална група на професионалци заинтересирани за учење, размена на искуства и дискусии на разни ИТ теми.

Вебсајт | Facebook