Во глобална акција за удар врз сајбер-криминалот, ИНТЕРПОЛ неодамна ја заврши операцијата Synergia II. Во текот на пет месеци, од април до август 2024 година, оваа координирана акција во која учествуваа 95 држави резултираше со растурање на огромна малициозна мрежа. Околу 22000 IP адреси поврзани со сајбер-криминални активности се отстранети, 1037 сервери се деактивирани, а 41 осомничен е уапсен. Дополнително, 65 лица сѐ уште се под истрага поради сомнение за поврзаност со дигитален криминал.
Меѓународна операција
Стратегијата на ИНТЕРПОЛ за справување со сајбер-криминалот ја нагласува важноста на соработката, особено со приватни фирми за сајбер-безбедност, како што се Group-IB, Kaspersky, Trend Micro и Team Cymru. Овие компании со својата експертиза во идентификација и следење на сомнително онлајн однесување. Дадоа информации што го насочија ИНТЕРПОЛ кон над 30 000 потенцијално опасни IP адреси ширум светот. Преку оваа соработка, околу 76 отсто од идентификуваните адреси беа отстранети. Агенциите за спроведување на законот запленија 59 сервери и 43 електронски уреди, вклучувајќи лаптопи, телефони и хард-дискови, кои сега се анализираат за дополнителни докази.
„Глобалната природа на сајбер-криминалот бара глобален одговор што е евидентно со поддршката што земјите-членки ја даваат на операцијата Synergia II. Заедно, не само што ја уништивме злонамерната инфраструктура, туку и спречивме стотици илјади потенцијални жртви да станат плен на сајбер криминалот. ИНТЕРПОЛ е горд што обединува разновиден тим од земји-членки за да се бори против оваа закана која постојано се развива и да го направи нашиот свет побезбедно место.“, вели Нил Џетон, директор за сајберкриминал.
Во рамките на операцијата Synergia II, полицијата во Хонг Конг деактивираше повеќе од 1037 сервери поврзани со злонамерни услуги. Во Монголија, полицијата изврши 21 претрес во домови, заплени сервер и идентификуваше 93 лица поврзани со нелегални сајбер-активности. Во Макао, надлежните деактивираа 291 сервер поврзан со злонамерни операции. Властите на Мадагаскар идентификуваа 11 осомничени и конфискуваа уреди за анализа. Во Естонија, беа запленети над 80GB податоци, вклучувајќи фајлови поврзани со фишинг и банкарски малициозен софтвер, кои ИНТЕРПОЛ и естонските власти сега дополнително ги испитуваат.

Старо-нови закани
За време на операцијата, ИНТЕРПОЛ се фокусираше на три главни сајбер-закани: фишинг, инфостилери и рансомвер. Секоја од нив е клучен елемент во модерниот арсенал на сајбер-криминалците и сите се значително усовршени во последниве години.
Фишингот често е влезната точка во системите и фишинг-нападите стануваат сè посложени. Со напредокот на генеративната вештачка интелигенција, сајбер-криминалците сега креираат персонализирани имејл пораки, што ги прави потешки за препознавање и откривање. Инфостилерите се малициозен софтвер што се користи за крадење на чувствителни податоци како што се лозинки и финансиски информации и сè повеќе се користат во нападите со рансомвер. На скриениот интернет, пазарот за украдени податоци од инфостилери брзо расте. Рансомверот е веројатно најпознатата сајбер-закана и неговата глобална распространетост расте со стапка од 70%. Она што некогаш беше изолиран феномен сега се шири низ индустрии и ниеден сектор не е имун на овие прецизно насочени напади, велат од Interpol.
Битка за податоци што е добиена, но војната продолжува
Иако Synergia II значајно намали дел од сајбер-криминалниот екосистем, Џетон истакнува дека овие напори се дел од постојаната борба против прилагодлив сајбер-криминал. Агенциите за спроведување на законот ширум светот постојано ги прилагодуваат своите стратегии за да се справат со сè пософистицираните сајбер-алатки и тактики.
Оваа операција испраќа порака до сајбер-криминалците: со меѓународна соработка и технолошка будност, мрежата се затегнува. Сепак, ризиците остануваат. Новите технологии и техники за сајбер-криминал продолжуваат да се развиваат. Успехот на ИНТЕРПОЛ со Synergia II е чекор напред, но борбата до побезбеден дигитален свет е постојана. Операцијата запре дел, но природата на сајбер-криминалот гарантира нови бранови кои се веќе подготвени и чекаат.







