Сите инволвирани во овој сегмент на индустријата ќе се сложат дека 2016-та може да биде окарактеризирана како година кога разни framework околини се дефинираа, година во која JavaScript ја одбрани успешно титулата најпопуларен јазик за веб развој, со PHP зад себе. HTML и CSS забележаа значајни подобрувања, особено во формат на адаптирање на разните уреди.
За развојот на овој сегмент во 2016-та и за тоа каде ќе продолжи во следната, ги интервјуиравме веб дизајнерот Гоце Митевски како и веб девелоперите Борис Кузманов и Кристијан Ристовски…
Кој front-end framework според тебе ја одбележа 2016-та?
Гоце: Bootstrap, затоа што беше стандардна компонента на огромен број од веб-сајтовите и веб-апликациите што беа изработени во текот на годинава што изминува. Во текот на 2017-та, најверојатно ќе ја добиеме неговата четврта верзија, што ќе го направи уште поприменлив и попопуларен.
Борис: 2016 е година во која најмалку користев некој front-end framework, најверојатно поради специфичноста на тоа што сум го правел и од личната проценка дека користењето на framework само би ми било оптоварување и на мене и за крајното решение. Сепак, ако треба да издвојам некој, мој личен победник би бил Foundation поради модуларноста која ја нуди и GPU acceleration за подобро и побрзо ренденрирање на мобилните уреди.
Кристијан: React.
Кој front-end framework очекуваш да доминира во 2017-та и зошто?
Гоце: Претпоставувам дека за тоа ќе се натпреваруваат Angular 2 и React. И двата проекти се трудат да опфатат што е можно поголем дел од, условно кажано, пазарот и да најдат поголема примена.
Борис: Очекувам Bootstrap да продолжи со својата доминација кој има голема користеност, особено кај почетниците. Причината поради која Boostrap ќе биде број еден и во 2017 е новата верзија која елиминира некои недостатоци и маани кои се присутни, како користење на пиксели наместо некоја од флексибилните единици – во новата верзија ќе користи rems (Foundation веќе користи), а за гридот ќе користи и flexbox со што очекувам многу да им се олесни работата на девелоперите кои верувам дека многумина кога работат со flexbox пред себе го имат stylesheet-от од CSS-Tricks и понекогаш пробуваат со погодување да ги наместат елементите како што треба да бидат. 🙂 Се уште не се знае кога би излегол Bootstrap 4, некои информации велат дека тоа би било во првата четвртина од 2017 година, некои пак дека тоа ќе биде подоцна поради тежината на проблемите кои се појавуваат, па ќе видиме…
Кристијан: React, заради повеќе причини. Една од главните е неконзистентноста на Angular со верзиите (1, 2, 4). Се повеќе Angular 1 девелопери се префрлаат директно на React наместо да продолжат со некоја од новите верзии на Angular.
Кои front-end трендови би сакал да ги видиш во 2017-та?
Гоце: Многу сме блиску до основна поддршка за CSS Grid во модерните прелистувачи и тоа особено ме радува. Би сакал во втората половина на 2017 веќе да можеме да ги поставуваме елементите во нашите веб-сајтови и веб-апликации според насоките на W3C за CSS Grid. Ме радува и тоа што повеќе не разговараме за тоа дали мрежата Интернет е доволно моќна и брза за извршување на секаков вид на апликации. Тоа на што Mozilla инсистираше пред неколку години – The Web Is The Platform – денес го говори и Google – Progressive Web Apps – со посебен акцент на корисничкото искуство. Очекувам во 2017 година сите модерни прелитстувачи да се стекнат со (основна или напредна) поддршка за веб-компоненти (Web Components), со што би можеле да преминеме на едно повисоко ниво на развој на целосно модуларни системи што работат и со, но и без пристап до Интернет. SVG (Scalable Vector Graphics) веќе не е некоја здодевна спецификација што никому не му користи. Напротив, денес наоѓа најразлична примена… од исцртување на графички иконки, па сѐ до напредни интерактивни графикони и илустрации. Во 2017 година, SVG уште повеќе ќе се користи затоа што е “dope”.
Борис: Како малку поспецифична личност и за која UI/UX е многу важна, се надевам дека дизајнерите повеќе се фокусираат на искуството што треба да го понудат, наместо нештото да изгледа покул и фенси, што е многу чест случај за графичките дизајнери кога развиваат дизајн за некое веб решение. Исто така, поголем фокус на содржината и очекувам да продолжи тој тренд на „амерички дизајн” со големи и здебелени букви. Крај на stock фотографиите, особено кај сајтовите што презентираат некои продукти и сите тие насмеани ликови си ги видел на уште други 10 страници. И кога веќе ги споменав фотографиите, вклучување на луѓе во нив со што би се пренела поемотивна порака до посетителот/крајниот корисник.
Кристијан: Искоренување на навиката да се користи jQuery во секој проект. Запазување на големината и перформансите на финалниот JavaScript bundle. Заменување на REST api-јата со GraphQL на сервер и Apollo или Relay на клиент.
Дали постои шанса 2017-та да ни донесе мир помеѓу прелистувачите и конечно да се најде златната средина во која сработеното во еден прелистувач е исто и во другите?
Гоце: Не. Зошто би сакале да се смириме? Ни требаат уште понапредни технологии, а до нив никако нема да стигнеме ако нема натпревар помеѓу прелистувачите. Златната средина е веќе најдена, со самото тоа што речиси сите модерни прелистувачи имаат релативно добра или одлична поддршка за технологиите што денес ги користиме за изработка на веб-сајтови и развој на веб-апликации.
Борис: Најболната тема за секој веб девелопер. 🙂 Дали 2017 би била годината, не би рекол. Причината е едноставна, сите прелистувачи се натпреваруваат да бидат подобри и да понудат нешто што другите го немаат. Сите прелистувачи си имаат свои поставувања за маргини, line-height, разлино рендерирање на елементи и слично… Не работиме на парче хартија со фиксна големина, туку за различни прелистувачи, на различни работни околини со различни димензии и токму затоа мое лично убедување е дека минимални отстапувања се прифатливи, се додека некој елемент не покрива некој друг елемент и функционалноста е како што треба.
Кристијан: Не.
AngularJS, ReactJS, EmberJS, PolymerJS… кој JavaScript framework би сакал највеќе да го користиш во 2017-ta?
Гоце: Не знам. Зависи на какви проекти ќе работам. Кога би можел, интензивно би ги користел сите за да откријам која, е подобрата алатка, за што.
Борис: Тешко е да кажам со оглед на тоа колку брзо се менуваат технологиите, особено кога се работи за JS framework, меѓутоа најмногу најверојатно како PHP и Laravel девелопер би продолжил да го користам Vue.js кој од пред половина година стана стандардна JS библиотека во Laravel. Инаку, дефинитивно би почнал и со React кој досега го немам користено активно во развој, а е еден од framework-овите кои го одбележаа минатиот период, има голема и како што ми делува пријателска заедница. 🙂
Кристијан: React.