Е-трговија: Во 2016-та потрошивме повеќе од 63 милиони евра, во 2017-та го очекуваме Paypal

[sharify]

За тоа како поминавме во сегментот е-трговија во 2016-та година, најдобро ни говори анализата на Нина Ангеловска врз статистиката објавена од страна на НБРМ, која ја споделивме во форма на гостински напис. Годинава сме потрошиле повеќе од 65 милиони евра на купување на производи и услуги онлајн, износ кој очекуваме драстично да се зголеми во 2017-та, дел заради тоа што се повеќе бизниси решаваат да го оптимизираат работењето и да ја понудат својата палета на производи и услуги онлајн, дел заради тоа што очекуваме и нови иновативни е-трговци кои ќе направат дисрупција на пазарот, или барем адаптација на глобалните трендови во е-трговијата на локално ниво, како тоа што го направи Grouper.mk изминатите години.

Очајно ни недостасува целосен пристап до иновативен платежен систем како Paypal, кој од 2014-та е присутен во Македонија со еднонасочни трансакции. Очекуваме 2017-та да биде годината во која што ова ќе биде променето, а со тоа и можностите за онлајн трговија ќе бидат полесно и повеќе искористени, а законските регулативи ќе се адаптираат на последните трендови. Се очекува и банките да мрднат од комфорт зоната со своите понуди за виртуелни POS терминали и конечно Casys да си го среди своето корисничко искуство… Искрено се надеваме дека и комплементарната индустрија на е-трговијата, поштенското работење, магично ќе се трансформира во функционална индустрија во која испратените пратки нема да се губат и дека испорака до дома навистина ќе значи до дома, а не во локалната пошта или бркање по телефони. Ако сакаме да напредуваме во е-трговијата во 2017-та, мора да ги промениве овие работи. Ах да, за малку ќе заборавивме да ја спомнеме и царинската управа и нивниот флексибилен тарифник кој одредува цени зависно од расположението на службеникот, на кој во одредени случаи за да си ја земете пратката мора да му доставите и отпечатен скриншот од сајтот на кој што сте го купиле производот (да, реална случка).

На темата е-трговија, потрошувачките навики и што е тоа што треба да промениме за да имаме сериозна онлајн продажба која ќе стане дел од нашето секојдневие, зборуваме со д-р Нина Ангеловска од Grouper.mk, Даниела Милошеска, основач на модната онлајн продавница BastetNoir.com, како и Нина Нинеска, уметник и основач на онлајн платформата за продажба на селектирани авторски дела Modular.mk.

Од 1 до 10, како би ја оцениле е-трговијата и навиката на луѓето да купуваат онлајн во Македонија (вклучително и на странски сајтови)? И зошто баш таа оцена?


Нина/Групер: Е-трговијата би ја оценила со преодна факултетска 6-ка, бидејќи мислам дека се создадени основните предуслови за развој на истата односно достигнато е ниво кое треба понатамошно да се развива и унапредува. Оценката е направена врз база на посеопсежно истражување од повеќе извори. Ќе наведам еден од изворите односно компаративен индекс кој го покажува рангот на Македонија во е-трговијата од вкупно 130 анализирани економии на светско ниво. Имено според студијата на UNCTAD (“Отклучување на потенцијалот на е-трговијата за земјите во развој“) во 2015 г. според индикаторот кој дава слика за подготвеноста на една замја за е-трговија, односно според индексот за Бизнис-кон-Потрошувач е-трговија Македонија се наоѓа на 41-вото место, со вредност на индекот од 62.2 поени. Индексот зема во превид 4 параметри: интернет пенетрација, покриеност на поштенска испорака, пенетрација на платежни картички и безбедни интернет сервери. Од друга страна навиката на луѓето да купуваат онлајн мислам дека е на се уште ниско ниво, па може да се каже во севкупната евалуација влијае на намалување на оценката. Нешто како теорија и задачи, па вкупната оценка е 6-ка.

Даниела: Би рекла 3. Мислам дека идејата за е-трговија кај нас е се уште нешто ново. Луѓето се доста скептични да нарачаат нешто од македонски онлајн сајт, најверојатно затоа што не се сигурни дали тоа нешто ќе им пристигне и не се сигурни дека ќе можат да си ги вратат парите доколку нарачаното не им се допаѓа или наидат на било каков друг проблем. Имаме доста пречки особено во овој дел со враќање на парите. Системите кои ги користат банките за онлајн наплата се застарени и доста комплицирани, не само за користење од потрошувачите, туку и за нас е-трговците. Од друга страна мислам дека сајтови како AliExpress и ASOS функционираат доста добро кај нас. Меѓутоа царинските давачки кои се плаќаат и не се баш добро регулирани со закон, па никој не знае да ти каже однапред колку ќе платиш за царина. Овие суми најчесто достигнуваат и до 40% од сумата која си ја платил, па затоа и многу луѓе се одлучуваат да не купат ништо. Токму поради тоа, најверојатно и нема некоја навика за купување онлајн кај нас.

Нина/Модулар: 6, Во Македонија има навика за е-трговија што е одлична можност за понатамошно развивање на овој канал за размена. Македонецот во просек од 23 до 40 годишна возраст (ова се податоци од директна комуникација со корисниците) многу често купуваат онлајн претежно од странски сајтови често поради цената, потоа типот на производ кој и често го нема на домашен пазар. Културата на е-трговија во Македонија е нормален начин на купување, сега е времето кога е-трговијата отпочнува да зрее и имаме успешни приказни на онлајн продавници кои успешно работат и активно учествуваат во едукативниот процес на онлајн купувањето од секаков тип услуги, пренесување знаење, производи.

Според анализите на НБРМ, во Македонија сега има повеќе од 669 регистрирани е-продавници. На база на претпоставка, колку регистрирани е-продавници очекувате до крајот на 2017-та?


Нина/Групер: Според објавените податоци на НБРМ за платни системи за бројот на регистрирани е-продавници или уреди кои што прифаќаат платежни картички заклучно со септември 2016 година изнесува 669, но треба да се има предвид дека се работи за регистрирани, а не активни уреди. Бројот на регистрирани трговци во периодот јануари-септември 2016 година се зголемил за 84 трговци. Земајќи го предвид овој пораст кој со проекција до крајот на 2016 би бил околу 20%, моето предвидување е дека ако се задржи овој тренд до крајот на 2017 година ќе има помеѓу 850 и 900 регистрирани е-трговци, меѓутоа согласно следењето на состојбата и условите за развојот на е-трговијата очекувам да се зголеми трендот и бројката да достигне до 1.000 регистрирани е-трговци.

Даниела: Стварно не би знаела да ви одговорам на ова прашање, освен дека со оглед на тоа што денес е доста лесно да се отвори е-продавница, очекувам овој број драстично да порасне. Системи како Укион (кај нас) и Shopify (на интернационално ниво) го олеснуваат доста процесот на дизајн и водење на самата продавница, меѓутоа наплатата оди малку потешко што генерално е вистински проблем со кој се соочуваме сите како онлајн трговци.

Нина/Модулар: Се изненадив на бројката кога ги видов анализите, што значи дека во 2016 месечно се отворале околу 9 онлајн продавници. Сепак, потребно е да се дојде до точни информации за тоа кои онлајн продавници се активни, а кои се сеуште во развој. На 27.12.2016 ја пуштивме првата интернет платформа за продажба на селектирани авторски дела, Модулар Арт Дизајн, и до моментов има отворено 13 продавници. Целта е да отвориме уште 90-100 нови продавници на платформата до крајот на 2017 година. Според ова би претпоставила дека до крајот на 2017 би имало во Македонија околу 1000 е-продавници.

Според вас, кои чекори треба да се преземат во 2017-та за да просечниот македонец без размислување купува онлајн?


Нина/Групер: Понудата е главниот поттик за граѓаните да се ангажираат во е-трговија и потоа да ги почувствуваат придобивките од онлајн купувањето. Тоа ние најдобро го покажавме со лансирањето на Grouper во 2011 година кога помалку од 1% од населението купуваше онлајн, а сепак атрактивните понуди со попусти кои овозможуваат заштеди ги поттикнаа граѓаните да се впуштат во онлајн купување. Исто така интернет пенетрацијата и платниот систем се основни предуслови за развој на е-трговијата. Покрај ова постојат и други предизвици на кои треба да се работи како што се:

  • економски (ограничено користење на платежни картички, мала куповна моќ и др.);
  • социополитички (преференци за лице-во-лице интеракции, преференци кон плаќање во готово, слаба правна и регулаторна инфраструктура);
  • и когнитивни бариери (ниско ниво на компјутерска писменост, свест и познавање за е-трговијата помеѓу крајните корисници и компаниите).

За да е-трговијата го достигне својот полн потенцијал односно просечниот македонец без размислување купува онлајн, потребен е систематичен и холистички пристап во креирање на средина која ќе стимулира е-тргвоија. Потребна е стратегија и мулти-секторска и мулти-институционална соработка и тимови кои ќе работат во прилог на е-трговијата и програми за градење на капацитети за е-трговија. На тој начин и македонскиот граѓанин можеби нема да биде мотивиран само од заштедата од купувањето онлајн туку и другите придобивки како заштеда на време, удобноста на купување од дома во било кое време.

Даниела: Воведување на Paypal, законска регулатива за даноците за пратки кои доаѓаат од странство и превземање на поголема одговорност за достава на производите од страна на македонска пошта. Сметам дека воведувањето на Paypal или сличен наплатен систем би ги решило повеќето од проблемите со довербата на луѓето за нарачување онлајн. Исто така мислам дека регулацијата на царината би помогнало доста во овој сегмент. Реално доколку се воведат ценовници за тоа како се пресметува, а притоа тоа да бидат лесно разбирливи информации, би знаеле дали би ни одговарало како потрошувачи да нарачаме некој производи или не. Друг чекор кој сметам дека би помогнал е регулација на доставување на производите. Повеќето од нарачаните производи мора да одиш и да ги земеш од пошта, која е доста неоодговорна во известување, па не знаеш реално дали ти пристигнал нарачаниот производ или не.

Нина/Модулар: Да се поработи на веродостојноста и на квалитетниот пристап на презентирање на производот или услугата која се разменува преку е-продавниците. Обезбеден безбеден проток на трансакциите и за ова јавно, јасно да комуницираат со купувачите и транспарентно да се пренесат правилата и условите за вршење на онлајн купување. Следно е важно сајтот, е-продавницата да има едноставен и лесен начин за употреба, да е пријателски насочен кон корисникот и со истиот да создава релација на квалитетни вредности, ова е еден од најзначајните чекори за да просечниот македонец раат да пазари онлајн.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: