Стартап Сцена10 македонски стартапи што ја одбележаа 2017-та

[sharify]

Може да кажеме дека 2017-та беше почетокот на една вистински зрела стартап заедница. Ако претходниве години постоеше ентузијазам со минимални резултати, во 2017-та видовме огромни отскокувања од нормата. Сега имаме продукти кои добија огромни инвестиции, имаме компании што освојуваат интернационални пазари, и заедница која е спремна да го прифати ризикот што e својствен на стартапите.

Оваа листа на 10-те стартапи што ја одбележаа 2017-та можеби е кратка, но се обидовме да ги наброиме тие компании кои станаа (или имаат потенцијал да станат) новите шампиони на оваа мала, потенцијална, но срамежлива стартап заедница. Тие го подигнаа стартап стандардот на едно повисоко ниво, и покажаа дека во Македонија има потенцијал и талент кој може да се натпреварува. Критериумот по кој ги биравме беше а) нивниот импакт во 2017-та, и б) зрелоста на нивниот продукт.

Тие што први добија VC инвестиции

Првите два стартапи покажаа дека стартап може да дојде до голема инвестиција во Македонија. Moжеби не се 100% македонски, основачите се од друга земја, но во стартап сцената не смее да постои ограничување и граници. Продуктот сепак се развива тука од македонски професионалци. И нивниот труд придонесе кон подобрување и раст на локалната стартап сцена. Секако, тие се и првите македонските стартапи што добија огромни инвестиции од VC фондови.

1. Cognism

Британско-македонскиот SaaS стартап e првиот во Македонија кој доби VC инвестиција во висина од 500.000 евра. Инвестицијата дојде од SCV, Netcetera и други инвеститори кои уште во јануари инвестираа во стартапот кој бележи 30% MOM раст. Cognism работи на lead generation, агрегирање и анализа на big data и AI со цел да им помогне на големи компании да ја зголемат својата продажба и ја применува својата технологија во замавот што GDPR го зема во EU. Cognism работи со клиенти како Financial Times, IBM, Oracle и други гиганти.

2. InPlayer

Британско-македонски стартап во јуни ја доби најголемата-до-сега VC инвестиција од 750.000 долари од SCV. Стартапот работи со монитизирање на дигитална содржина со фокус на видео. Со тим од преку 40 професионалци го освојуваат светскиот пазар и имаат испрачано услуги на повеќе од 1 милион претплатници. Меѓу клиенти ги имаат фудбалските тимови Тотенхам и Ливерпул, како и партнерства со Massive Interactive, Peagent Media, Viblast, Magneto Films.

Тие што изработуваат хардвер

Можеби се поретки, но во Македонија имаме и стартапи кои креираат иновативен хардвер кој веќе освојува интернационални стартапи. Овие стартапи се поддржани со грантови од Фондот за иновации и технолошки развој и ова не е случајно бидејќи креирање и дистрибуција на хардвер бара од стартапот да има поголеми финансиски ресурси. Како стартапи имаат фантастична приказна зад себе.

3. Vision Dynamix

Спин-оф компанија која развива иновативен производ – Тера Мапер, систем за тродимензионално мапирање со висока точност со користење на дронови. Стартапот се претстави на Get In the Ring, организирана од StartUp Europe Awards 2017 на која освоија награда за најдобра иновација во категоријата паметни градови. Vision Dinamix сега ќе ги брани боите на Македонија во Брисел, заедно со уште осум стартапи.

4. Дарис Инжинеринг

Компанијата го разви првиот паметен громобран со можност за модуларно надградување и опции за интелигентно следење на молњата и грмотевичните облаци. Громобранот е веќе патентиран во Република Македонија и е инсталиран на десетици објекти во Република Македонија. За својата оригиналност има добиено голем број домашни и меѓународни награди меѓу кои: Златен медал Макинова 2014; Патент на годината 2015 во Република Македонија; Златен медал на InventArena 2016 во Чешката Република; Златен медал на меѓународната IFIA изложба на иновации Новое Время 2017 во Севастопол, Русија и многу други.

5. ДТК Смарт-тек

Компанијата работи во областа на енергетската ефикасност, и развива системи за менаџирање со енергија. Во 2017-та компанијата има склучено договори и инсталирано системи за менаџирање со енергија во повеќе објекти како што се АрцелорМиттал и Форца (спортска сала и вински бар/ресторан), а успешно ја продолжува и соработката со Парк Хотел & СПА и Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Тие што имаат потенцијал за раст

Секако, видовме и многу повеќе нови стартапи кои се снаоѓаат сами со bootstrapping. Од нив ќе издвоиме неколку стартапи кои успеаја за кратко време и ограничени ресурси да креираат фантастичен продукт кој може да расне. Овие стартапи покажуваат зрелост и потенцијал да изградат нешто специјално, и затоа заслужуваат место на оваа листа како стартапи што ја користат 2017-та како година да стартуваат гласно, иако нивниот придонес кон заедницата го очекуваме следната година. No pressure!

6. Teachhoot

Новата он-лајн образовна платформа за одржување на приватни часови 1 на 1 со тутор во виртуелна училница. Нивниот сервис дозволува едукација без граници, можат да поврзат тутори од Скопје со ученици од Гевгелија, или било кој друг град. Тие се пример на стартап кој се бутстрапува од почеток, самите го градат со свои ресурси и посветеност.

7. Еnvoice

Ова е македонска платформа за фактури за фриленсери и компании направена од тимот на Emit Knowledge, Марјан Николоски и Сашо Михајлов. Го избравме Envoice како еден од подобрите нови стартапи бидејќи не само што е убаво дизајнирана платформа, туку е креирана да биде интернационален продукт. Сервисот се интегрира со Payoneer, Stripe и PayPal што е неопходно за сите нивни клиенти.

8. Energy2

Го извдојуваме Energy2 затоа што е еден од ретките стартапи кои работат со обновлива енергија. Зад стартапот стои 25-годишниот Александар Димески кој веќе има изработено прототип на соларен колектор кој складира сончева енергија. Energy2 е победник на неодамнешниот Seavus Demo Dаy, и е избран заедно со уште еден македонски стартап Smart Bumps да ја претставува Македонија на Resilience Business Cup.

Тие што се надвор од Македонија

Не може да игнорираме македонски стартап приказни кои се надвор од границите на земјата. Имаме многу талентирани професионалци кои работат во странство, но кои имаат успех зад себе кој сакаат да го споделат. Затоа не не изненадува што Владо Петрушевски, гласно изјави „We got Acquired” на #MKStartups групата, иако неговиот Minebox e основан во Австрија.

9. Мinebox

Aвстрискиот стартап на Владо Петрушевски беше кушен купен од ClearOS, за необјавена сума. Владо како експерт во blockchain технологија со MineBox го решава проблемот на децентрализирано складиште во облак кое е open-source и ветува подобра енкрипција на податоците. Тој сега е ангажиран како VP за blockchain решенија на ClearCenter.

И тие што нема да ги заборавиме

На крај доаѓаме до последниoт стартап кој имаше (и ќе има и понатаму) огромно влијание врз Македонската стартап сцена. Иако не успеаја на крај, сепак тие се локалните шампиони во 2017-та кои го изодија целиот пат – лансираа продукт, добија инвестиција, излегоа на пазар, тестира, се бореа, и на крај се соочија храбро и отворено со ризикот. Од нив може да научиме сите бидејќи нивното искуство е бесценето. Не се ни сомневаме дека нивниот следен продукт ќе биде нешто интересно.

10. Letz

Можеби најдобро демонстрираа што значи да бидеш стартап – расни брзо, тестирај и види што ќе се случи. За само една една година Letz стартуваше како продукт, беа на The Next Web конференцијата, победија како Бот на годината на ProductHunt, добија 100.000 евра инвестиција од SCV, се обидоа со инвестициски краудфандинг и затворија. „Разорачани сме, но не е неуспех“, вели Нино Карас, ко-основачот на Letz во својот пост. „Letz е нашата трета компанија, и сигурно нема да ни биде последна“.

За крај може само да додадеме една прогноза – во 2018-та ќе го видиме првиот македонски стартап кој ќе добие над 1 милион евра инвестиција. Но, и многу други што ќе го реплицираат успехот на споменативе 10-те шампиони. Само храбро #MKstartups


Текст на Startup Macedonia

Нашата мисија е да поттикнеме иновација, развој и вмрежување помеѓу стартапите и сите локални стеикхолдери кои се дел од еко-системот, сѐ со цел да изградиме подобра стартап заедница.

Вебсајт | Facebook